Охридската полиција трага по уличниот продавач на девизи Трајче Цоцески од населбата Рача, кој според неговото неговото семејство исчезнал во саботата попладне. Тој како што информираат неговите блиски, последен пат бил виден завчера околу 17 часот во кафулето „Алегро“ наспроти градскиот пазар. Трајче Цоцески таму бил на кафе со пријател на кого му кажал дека оди да се види со друг пријател на кого требало да му размени 2.500 евра кои ги имал кај себе. Оттогаш на Трајче Цоцески му се губи секаква трага. Роднините упорно ѕвонеле на неговиот мобилен до полноќ, а од вчера наваму тој бил недостапен на својот телефон, поради што тие се сомневаат дека е киднапиран.
Роднините случајот го пријавиле во охридската полиција која трага по исчезнатиот продавач на девизи. Трајче Цоцески е роден 1948 година. Има бела коса и висок е околу 170 сантиметри. Тој бил стечаен работник од некогашна „Засатава“ по што почнал да се занимава со препродажба на девизи кај пазарот.
За една година ова е втор случај на исчезнување на уличен продавач на девизи. На 8 февруари 2007 година сред бел ден во близина на пазарот исчезна уличниот продавач на девизи, Спиро Ставрески, кој три месеци подоцна беше пронајден убиен во атарот на село Лактиње-охридско.
ohridnews