Ирската фудбалска федерација и официјално побара од светската асоцијација (ФИФА) да биде примена како 33. репрезентација на Светското првенство во Јужна Африка. Ирска беше елиминирана во бараж-дуелот против Франција, а „галските петли“ клучниот гол го постигнаа откако Тјери Анри играше со рака и му асистира на Гала. Од ирската федерација најавија дека не бараат никој да одговара за превидот, но побараа ФИФА да ги вклучи како 33. репрезентација на Мундијалот в година.
– Ја примивме делегацијата на Ирска и тие ни го искажаа нивното големо незадоволство за тоа што се случи. Знаат дека мечот не може да се преигра, бидејќи судијата веќе одлучил дека голот е регуларен – вели претседателот на ФИФА, Сеп Блатер.
Првиот човек на ФИФА откри дека од Ирската федерација официјално било поднесено барање нивната репрезентација да биде 33. учесничка на СП 2010, како надомест за неправдата што им беше нанесена во дуелот против Франција.
– Делегацијата на Ирска не побара никакви санкции ниту за играчот ниту за судијата, но затоа побара да бидат дополнително вклучени на СП – додаде Блатер.
ФИФА денеска ќе го разгледува барањето на Ирска и ќе мора да реши пред ждрепката в петок, во Јоханезбург. Досега никогаш не се случило на СП да учествуваат 33 репрезентации.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com