Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ги додели годишните новинарски награди. Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребала“ ја доби Истражувачката репортерска лабораторија за „Нечиста крв“.
Наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби Драган Ѓоргоски.
Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење му припадна на Аднан Ќаири од Алсат.
Посебни признанија за истражувачко новинарство им беа доделени на Фросина Димеска, Ирена Мулачка, Мартин Пушевски, Петар Клинчарски и плакета доби Кристина Атовска.
На конкурсот за годишни награди на ЗНМ годинава пристигнаа 17 стории за истражувачко новинарство за наградата „Јашар Еребара“, 18 за теми од локално и регионално значење, како и седум за животно дело „Крсте Петков Мисирков“.
Претседателот на Здружението на новинарите Младен Чадиковски истакна дека на наградниот конкурс биле пријавени 42 кандидати, што е показател дека се уште има многу стории и приказни кои чекаат да бидат објавени и раскажани.
Живееме во општество каде политичарите се прават ѕвезди и заради тоа заборавaмe дека тие не се само тука присутни и дека нашата земја имa многу повеќе што да понуди, а граѓаните имаат право да ги знаат тие приказни. Голема одговорност е да се информираат граѓаните, а уште поголема да се биде во нивна служба, рече Чадиковски.
Ние сме креатори на јавното мислење, додаде тој, потенцирајќи дека новинарите треба да копаат подлабоко и да го најдат изворот на приказната и да продолжат да објавуваат и да работат се додека не се најде решение за тоа.
Чадиковски беше дециден дека треба да се создадеме услови за работа на младите новинари, онаму каде што ние ќе застанеме.
Да се потсетиме дека ниту еден ѕид не е доволно висок ако сакаме да го поминеме заедно, рече претседателот на ЗНМ, укажувајќи на потребата од сплотеност на новинарите без разлика на евентуалната поделеност на медиумите.
Поради одличните стории, додаде тој, Комисијата решила да додели уште четири признанија и една плакета за особен придонес во професионалното новинарство.
Претседателка на Комисијата за доделување на наградата за најдобра истражувачка сторија беше минатогодишната добитничка на наградата Соња Колевска – Делевска, а членови беа Среќко Поповски и Ријад Мурати.
OhridNews