Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан денеска по првпат призна дека неговата земја и дала дронови на Русија, но рече дека тие и биле предадени на Москва пред почетокот на војната со Украина, во која беспилотни летала од иранско производство го бомбардираа Киев.

Коментарите на министерот за надворешни работи дојдоа по неколкумесечни збунувачки пораки од Иран за испорака на оружје, додека Русија користеше беспилотни летала за да ги нападне украинската енергетска инфраструктура и цивилните цели.

И дадовме ограничен број беспилотни летала на Русија месеци пред војната во Украина, изјави Амир Абдолахијан за медиумите по состанокот во Техеран.

Претходно, иранските власти ги негираа тврдењата дека Техеран ја снабдува Русија со оружје за нејзината војна против Украина. Претходно оваа недела, иранскиот амбасадор во Обединетите нации ги нарече обвинувањата „целосно неосновани“ и го повтори ставот на Иран дека одржува неутралност во војната.

САД и нивните западни сојузници во Советот за безбедност го повикаа генералниот секретар Антонио Гутереш да испита дали Русија користела ирански беспилотни летала за да напаѓа цивили во Украина.

Признавајќи ја испораката, Амир Абдолахијан истакна дека Иран не забележал никаква употреба на нивните беспилотни летала во Украина. Тој рече дека Иран останува посветен на ставање крај на конфликтот.

Ако (Украина) има какви било документи дека Русија користела ирански беспилотни летала во Украина, тие треба да ни ги достават, додаде тој. – Ако ни се докаже дека Русија користела ирански беспилотни летала во војната против Украина, нема да останеме рамнодушни на ова прашање, вети шефот на дипломатијата.

OhridNews