Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), регион Охрид, на 08.06.2024 година (сабота), ќе ја реализира рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда. Ова вело возење е во рамките на ИПА вело кампањата „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“ со кое, ИПА Охрид, по осми пат ја афирмира идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града Охрид и Струга, со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека.

Со оваа вело возење, сакаме да ги поттикнеме двата крајезерски града- идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување и изградба на вело патека означена со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. Охрид и Струга како атрактивни туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристички мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што ќе е огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите и секако, за туристите од Македонија и светот, вели претседателот на ИПА Охрид Стефан Димоски.

ИПА вело турата Охрид – Струга – Радожда, потенцира, станува се поатрактивна за вљубениците во велосипедизмот од Македонија, а од лани и за странски ИПА региони што учествуваа, со што, таа доби интернационален карактер. Претходно, на велосипедската тура учество зедоа и велосипедистите Александар Стојков, Лазо Миноски, Владимир Секулоски и Кирил Марковски од Скопје, кон секоја година ја возат вело турата „Вера тур“ низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија.

Во време кога државите градат велосипедски автопати, крајно време е, и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на нашите небезбедни патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки, додава Димоски.

Инаку, проектот за велоспиедско поврзување на Охрид и Струга датира од 2016 година од тогашниот Општински совет за безбедност во сообраќајот, кога е иницирана и идејата за вело патека Охрид – Св.Стефан – Пештани.

OhridNews