Рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда утре организира Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) -регион Охрид. Стартот е закажан во 08.30 часот од градското пристаниште во Охрид, ќе се вози по крајбрежието на Охридското Езеро, по стариот пат од Охрид до Струга каде, по средбата со струшките велосипедисти, се продолжува кон Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до Радожда. Тука, предвиден е едночасовен одмор и освежување.

На претстојнота-втора вело тура Охрид-Струга-Радожда, ќе учествуваат и велосипедисти од ИПА регионите Скопје и Прилеп како и велосипедистите Александар Стојков и Лазо Миноски од Скопје кои, заедно со велосипедистите Владимир Секулоски и Кирил Марковски, кон крајот на март годинава, ја реализираа вело турата „Вера 2022“ и возеа околу 3000 километри низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија.

Со оваа вело возење, сакаме да ги поттикниме двата крајезерски града-идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека означена со хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. Со утрешното вело возење Охрид-Струга-Радожда, ИПА Охрид прави обид плус за промовирање на овие атрактивни туристички дестинации, да упатиме порака до локалните самоуправи и другите институции, повеќе да се заложат, велосипедското поврзување Охрид-Струга, да стане реалност, вели претседателот на ИПА Охрид Стефан Димоски.

Охрид и Струга како туристички центри во Македонија, додава, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристичките мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што е и огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите но и туристите од Македонија и светот.

Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување. Во време кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки, потенцира Димоски.

Инаку, проектот за велоспиедско поврзување на Охрид и Струга во 2016 година беше инициран од тогашниот Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП) Охрид.

OhridNews