Вчера, на Стара нова година, a во пресрет на денешниот празник Свети Василиј Велики-Василица, претставници на Интернационалната полициска асоцијација-регион Охрид, го посетија геријатриското одделение при Општата болница во Охрид.

Со љубов и со голема почит, посакувајќи им среќни празници и среќна 2025 година, на 23-те повозрасни лица кои тука престојуваат и се лекуваат и кои, со насмевка на лицето, не пречекаа во холот од одделението украсено со Новогодишна елка, ги замоливме да ги примат нашите пригодни подароци и вртената пита со паричка. Според традицијата и обичаите за прослава на Василица, на геријатриското одделение се кршеше питата, а среќата да ја најде паричката, ја имаше чичко Живко од Охрид. Тој, не го криеше своето задоволство и видливо беше горд, задоволен, вистински среќен и насмеан. На одделението, се создаде вистинска празнична атмосфера во која, 67 годишната тетка Нада и 84 годишниот дедо Божин, во дует отпочнаа да пеаат македонски песни а „пратечки вокали“ бевме сите ние заедно. На геријатриското одделение, покрај тетка Нада и дедо Божин, престојуваат уште дваесеттина други лица меѓу кои и баба Агапи од Струга како и 97 годишната баба Стојанка која не пречека во нејзината соба, вели претседател на ИПА Охрид, Стефан Димоски.

Со сите нив, посочува Димоски, поразговарале, посакувајќи им добро закрепнување, добро здравје и среќни моменти.

Ни кажаа дека се благодарни на грижата од семејствата и на медицинскиот тим од одделението, а тетка Нада ни рече „привилегија е да остарите“ и не потсети да бидеме благодарни на Господ за животот и за секој поминат момент. Ним, од срце им се заблагодаривме за топлиот пречек, за времето што го поминаа со нас, за сета добрина која ни ја покажаа и за мудрите размисли, стекнати со нивната долговечност.  На заминување, добрите луѓе од геријатриското одделение, не испратија со насмевка на лицето, ни пружија рака во знак на пријателство, ни посакаа среќни празници и како добри домаќини, од душа ни упатија покана за повторна посета. Така срдечно и топло, не поздрави и дедо Божин кој не испрати до врата, ги крена рацете високо и среќно ни рече „Бидете живи здрави, да живее Македонија, да се видиме пак”, додава Димоски.

Воедно, вели Димоски, искажавме и голема почит кон целиот медицински тим на геријатриското одделение за нивната силна и безусловна посветеност во зачувувањето на здравјето на луѓето за кои се грижат.

Нашите родители, нашите дедовци и баби, нашите повозрасни претци, ја заслужуваат целата љубов и почит на овој свет. Тие беа и се, нашиот столб. Тие се вградија себе си во нас, во нашиот развој и прогресот на Македонија, додава Димоски.

OhridNews