ВЕЛОСИПЕДОТ Е ДЕЛ ОД ПРИРОДАТА е темата  на која пред еден месец Извидничкиот одред БРАН распиша литературно- ликовен конкурс  за учениците од основните училишта “Свети Климент Охридски”, “Григор Прличев” и “Христо Узунов”. Конкурсот беше распишан по повод 22 Септември -Европскиот ден без моторни возила. Денеска беа објавени наградените творби кои ги оценуваше комисија составена од претставници на трите училишта и на невладината организација БРАН.

Првата награда за литературна творба ја доби Лилјана Ставреска од основното училиште Свети Климент Охридски, втората ја освои Сања Симовска од училиштето Христо Узунов, а третата замина во рацете на Магдалена Симоноска од Свети Климент Охридски.

За најдобра ликовна творба беше прогласена творбата на третоодделенецот од Григор Прличев,  Јован Трајкоски, второто место за ликовна творба го освои Иван Ѓорѓиески од истото училиште, а третото, Кристијан Љушев од основното училиште Христо Узунов.

Конкурсот го реализиравме со цел да ги поттикнеме младите да творат на оваа тема и да го практикуваат велоспипедот како превозно средство, вели Борче Матевски од Извидничкиот одред БРАН. Тој е задоволен од одзивот на пристигнатите литературни и ликовни творби и најавува дека  вакви активности почесто ќе се реализират и во иднина.
Матевски апелира до градската власт колку што е можно побрзо во Охрид да се изградат велосипедски патеки по европски стандард.

А.Ристоска