Во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка.

Со вакви измени се озаконува досегашната практика на паушално фактурирање, која стана особено проблематична по воведувањето на ценовните блокови за скапата струја од 1 јули 2022 година. При нередовно читање на броилата, потрошувачите неретко се распределуваат во погрешни ценовни блокови, што резултира со зголемени сметки и неоправдани наплати, посочуваат од Инженерската комора на Република Македонија (ИНРМ).

Пресметките на ИНРМ покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство.

Ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес велат од ИНРМ.

Според Инженерската комора особено загрижувачки е што Владата го носи законот со европско знаменце, повикувајќи се на усогласување со ЕУ директивата CELEX: 32019L0944, која никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка. Дополнително, овие одредби не се содржани ниту во претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР.

Апелираме до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата. Бараме фер, прецизно и транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет, се наведува во соопштението на Инженерската комора. 

Г.М.