Тројца инженери, од Македонија, Босна и Херцеговина и од Италија, кои во Либија работат за италијанска градежна компанија, најверојатно се грабнати, изјави либиски функционер. Автомобилот со тројцата инженери е пронајден напуштен во градот Зувара, западно од либиската престолнина Триполи, пренесува агенцијата Reuters повикувајќи се на неименуван локален функционер.

„Тие исчезнаа и се сомневаме дека се грабнати“, изјавил соговорникот на агенцијата.

Италијанската новинска агенција Ansa објави повикувајќи се на локалните медиуми дека станува збор инженери од компанијата „ Piacentini Costruzion“ од Модена, од која потврдиле грабнување на нивните работени, но не дале поединости. Според либиската телевизија International Channel , како исчезнати засега се водат Емилио Гафури со македонско државјанство, Петар Матиќ од БиХ и Марко Валиса од Италија.

Засега нема други детали за овој случај на грабнување, а нема ниту официјална потврда за инцидентот и известување до земјите од кои потекнуваат евентуално грабнатите.

Reuters забележува и дека во Либија е сѐ почесто грабнувањето на дипломатите и странските работници, но и на Либијци, бидејќи властите не се во состојба да ги контролираат локалните племенски милиции кои се бореа за соборување на деценискиот автократ Моамер ел-Гадафи во пролетта 2011 година.

OhridNews

извор Макфакс