Приватен инвеститор од Охрид денеска со семејството отпочна протест пред Општинската зграда поради стопирањето на неговата инвестиција за изградба на хотел на брегот на Охридското Езеро.

Стојан Ѓоргоски, сопственик на компанијата „Зора“ од Охрид, бара од властите да му овозможат да продолжи со изградбата на хотелскиот комплекс, за чија изградба има добиено соодветно решение за градба уште пред донесувањето на Планот за управување со Охридскиот регион што не дозволува изградба на објекти повисоки од три ката на крајбрежејето.

Одобрението за градба е добиено на почетокот на 2018 година. Досега се потрошени повеќе од три милиони евра обртни средства, објектот е изграден некаде 48 проценти, а сега сме стопирани, појасни инвеститорот Ѓоргоски.

Ѓоргоски вчера имал средба со градоначалникот на Охрид, на која биле разговарани одредени решенија за да може да се продолжи со градбата, но да се покрене нова постапка откако се донесе План за просторно планирање за Охрид.

Согласен сум на отстапки, на изградба на објектот на три ката согласно Планот за управување со Охридскиот регион, но да се чека сега на донесување на План за просторно планирање кој воопшто уште не е ни почнат. Треба да чекам којзнае колку години за продолжување на инвестицијата од која ни зависи егзистенцијата, изјави тој.

Земјиштето каде се гради хотелот е купено во 2009 година, урбанизацијата е отпочната 2010 година, а градежните активности се отпочнати пред четири години.

Објектот е сто метри од највисоката кота на езерото, досега е изградена карабина на четири ката. Прифаќаме и да спуштиме висината на предвиденото со Планот за управување на три ката, но тоа да се реши во најскоро време, а не да чекаме години затоа што губиме средства, рече Ѓоргоски, најавувајќи секојдневни протести пред општината додека не се најде решение да продолжи градењето.

Вината во таквата ситуација ја гледа во неправилности на работењето на Одделението за урбанизам во Општина Охрид, како што рече „мечката“ што ја посочи и своевремено и премиерот Зоран Заев.

Инвестицијата ја отпочнавме во 2010 година. За 11 години се донесува еден план што се поништува, втор план се носи и тој се поништува. Сега трет план и тој се поништува. Има доста неправилности во документацијата, затоа го повикувам премиерот да формира комисија и да ја испита работата на Одделението и особено на „мечката“, рече Ѓоргоски.

Инвестицијата во хотелот е проектирана на 11 милиони евра, хотелски комплекс во кој би биле вработени околу 150 лица. Локацијата на објектот е во месноста „Свети Стефан“ веднаш кај хотелот „Аквалина“.

OhridNews