Во организација на Виенскиот економски форум, како дел од програмата за привлекување странски инвестиции во Македонија, под патронажа на премиерот Никола Груевски, во Охрид на 20 и 21 април ќе се одржи специјална едиција, средба со потенцијални инвеститори од Австрија.

Преку мотото на средбата – „Инвестирајте во Македонија. Инвестирајте во регионот – Туризам, гранка со иднина“ организаторите на средбата ќе се обидат да го „рекламираат“ југоисточниот дел на Европа кaде странски инвестиции се крајно неопходни. Преку панел дискусии и предавања ќе се „убедуваат“ австриските и останатите инвеститори да вложат во Македонија.

На интернет страницата од Виенскиот економски форум, Охрид е претставен како град со долга традиција, некогаш викан Лихнидос, град со растови и падови, но и град од кој „се чита“ античката историја на Македонија.

С.К.