Големи црвени ракови го населиле Антарктикот, ги истребиле локалните организми и сега би можеле да го загрозат екосистемот кој се развивал повеќе од 14 милиони години, предупредуваат научниците. Уште пред три години наговестиле дека поради загревањето на Јужниот Океан раковите би можеле за сто години да го освојат Антарктикот, но најновите снимки покажале дека веќе половина милион од овие ракови пристигнале и започнале да ги уништуваат чувствителните седименти.


Се проценува дека во оваа област веќе исчезнале морските ежови, краставици, лилјани, ѕвезди, односно вкупно една четвртина од познатите видови кои живееле таму. Овие ракови живеат на длабочина од 950 до 1400 метри, а единствено решение да се сопре нивната инвазија е намалување на глобалното затоплување.