Особено ми значи што сум дел од 59-тото по ред издание на фестивалот „Охридско лето“, што подразбира дека станува збор за еден сериозен фестивал којшто навистина се грижи за уметниците и за доловувањето на уметноста. Ова денеска на прес-конференција го изјави светски познатата оперска певица, сопранот Инва Мула од Албанија која вечерва, заедно со нејзините гости, сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, како и пијанистот Генц Тукичи ќе одржат концерт на „Охридско лето“.

Благодарам на поканата да бидам овде, во ова уникатно место во Европа. Пред повеќе години учествував неколкупати на фестивалот и се’ уште се сеќавам на магичниот амбиент на црквата „Света Софија“ во која настапував. Посебно ми е мило што нема да се претставам сама вечерва, туку со моите колеги, Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски. Добро е енергијата што ја поседувате да ја споделувате и да направите убава синергија со другите гласови. – изјави Инва Мула.

Заедно со неа, вечерва доаѓа и нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Генц Тукичи со кого соработува веќе три децении.

Двапати сум бил во Скопје, но во Охрид настапувам првпат. На „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ учествувал и мојот татко во далечната 1970 година, и има големи импресии од тој настап. За мене тоа е посебно доживување, да ја продолжам традицијата што ја негуваше татко ми. – рече пијанистот Тукичи.

Големиот македонски тенор, уметникот Ѓорѓи Цуцковски е гостин на вечерашниот концерт со три нумери, но како што рече, кај него е голема возбудата што настапува со Инва Мула и токму на фестивалот „Охридско лето“.

За мене како македонски уметник, Охрид и „Охридско лето“ имаат навистина специјално значење и морам да истакнам дека сум многу повеќе возбуден денес отколку кога настапувам на реномираните светски сцени. Вечерва во публика ќе ги имаме нашите престижни македонски уживатели на сериозната музика, а имаме многу пријатели коишто ќе дојдат да ја проследат спекракулатната Инва Мула. –  рече Цуцковски.

Соработката на македонските уметници, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Ахмети од Националната опера и балет на Република Северна Македонија со големата дива Инва Мула, ќе продолжи и во иднина, најави сопранот Дешира Ахмети.

Јас и Ѓорѓи сме многу среќни што веќе неколку години соработуваме со Инва Мула. Имавме прекрасен концерт во 2012 година со Оркестарот на Националната опера и балет на нашата држава, а исто така, Инва беше поканета и на Мајските оперски вечери. Што се однесува до нашиот вечерашен концерт, јас првпат настапувам на магичната сцена во црквата „Света Софија“. Покрај настапот на прекрасната Инва, ќе имаме многу убави дуети, избор што таа го направи за вечерашниот репертоар на фестивалот. –  најави Дешира Ахмети.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов истакна дека Инва Мула е еден од најголемите сопрани во светот, позната од филмот „Петтиот елемент“.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Улогата на Виолета во „Травијата“ претставува еден вид уметнички потпис, па така, истата ја повторува во Виена, Милано, Лондон, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид. Нејзините сценски парнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго Виторио Григоло.Како голем уметник редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз и Санкт Петербург. Учесници на вечерашниот концерт вечерва ќе бидат и моите драги колеги од Националната опера и балет на Република Северна Македонија, Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски.Вечерва ќе имаме едно посебно доживување во црквата „Света Софија“. – рече селекторот Ристов.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција најави дека интересот за вечерашниот концерт на светски позната оперска певица Инва Мула и нејзините гости на вечерта, Дешира Ахмети, Ѓорѓи Цуцковски и Генц Тукучи кај публиката е огромен.

Не’ радува фактот што има голема заинтересираност за вечерашниот концерт, не само од локалните посетители, туку и од гости од поширокиот регион. – нагласи Поповиќ.

Концертот на големите уметници ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

OhridNews