За инцидентот постојат две спротивставени верзии, едната од власта, а другата од опозицијата.
Опозициската СДСМ тврди дека кога излегле надвор, да им го соопштат на стечајците резултатот од собраниската седница, неидентификувано лице со камера снимало и кога побарале од обезбедувањето да кажат кое е тоа лице и да се идентификува, дошло до физички судир.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, објасни дека лицето кое снимало синоќа било од дефанзивно електронско техничко одделение кое е посебен сектор во МВР што снима кога има одредени собири, поради безбедносната состојба во и околу собранискиот објект.
Јанкуловска рече дека полициското лице немало намера да го запре слободното движење на пратениците туку само си ја вршело својата работна задача.
Министерката Јанкуловска на претседателот на Собранието Трајко Велјановски му презентирала снимка од инцидентот , и рече дека на информативен разговор биле повикани и стечајците за да кажат што точно се случувало.
„Изразувајќи големо несогласување и жалење би сакала да го осудам овој настан.
На средбата го убедив претседателот Велјановски дека МВР ќе постапи согласно професионалните стандарди заради расчистување на овој инцидент“, изјави Јанкуловска.
Илија Димовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го нарече настанот тежок инцидент во кој е нападнат е полицаец.
„Ги осудуваме ваквите инциденти бидејќи тоа не придонесува за развивање на политичкиот дијалог“, изјави Димовски.
Опозиционерите револтирано извикуваа дека ова е срам за демократијата.Опозицијата навестува дека ќе прикаже сосема поинаква верзија за настанот од верзијата што ја презентираше министерката Јанкуловска.
МВР и СДСМ со различни верзии за инцидентот во Собрание
Опозициската СДСМ ја повика министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска да одговори пред домашната и меѓународната јавност што бараат и денеска низ собраниските ходници, а посебно пред салата каде се одржуваат пленарни седници, вооружени лица во цивилка.
Реакцијата доаѓа по синоќешниот инцидент во Собранието, меѓу пратеници на опозициската СДСМ и членови на обезбедувањето на Собранието, вработени во Министерството за внатрешни работи, што се случи веднаш по завршувањето на собраниската седница на која пратениците го одбија законот за обештетување на стечајците.
Јани Макрадули од СДСМ изјави дека по завршувањето на седницата неидентификувано лице ги снимало пратениците на СДСМ како разговараат со стечајните работници.
„Тоа лице ниту се легитимираше, и покрај нашето инсистирање да ни се каже неговиот идентитет, истото лице беше спроведено од страна на оружени лица во цивилка, а нам физички и грубо ни беше спречено слободното движење во Собранието. За малку беше избегнат посериозен инцидент.“, изјави пратеникот на СДСМ Јани Макрадули.
Тој рече и дека е извршено силување на демократијата.
Но, Министерството за внатрешни работи соопшти дека синоќа нешто по 21 часот на влезот во Собранието вербално и физички се нападнати полициски службеници вработени во Одделот за обезбедување на МВР.
Министерството вели дека по завршувањето на седницата, дел од пратениците заедно со уште 15-тина стечајни работници излегле пред Собранието.
Кога забележале дека полицискиот службеник го снима протестот, двајца од нив прво вербално го нападнале службеното лице, а потоа го истуркале со што го спречиле да ги извршува службените задачи.
Како што соопштува Министерството, во вербалниот и физички напад учествувале и некои пратеници кои се обиделе да му ја одземат камерата на полицискиот службеник.
Друг полициски службеник се обидел да ја смири ситуацијата, но и тој бил вербално и физички нападнат од насобраните.
Нападнатите полициски службеници изготвија службени белешки за настанот, а како доказен материјал се обезбедени снимки од собраниските камери.
Пратениците на вчерашната седница расправаа за законот за обештетување на стечајците поднесен од СДСМ, ЛДП, Нова демократија.
Собранието не го прифати законот, а инцидентот се случи по завршувањето на седницата кога, некои пратеници од опозицијата излегле пред Собранието за на стечајците да им го соопштат резултатот од собраниската седница.
извор: „Макфакс“