Зоре Темелковски-Меги, познат стопанственик, некогаш активно вклучен во политиката и спортот, денес само бизнисмен, веќе неколку сезони успешно менаџира со хотелот „Славија Спектар“ во Охрид. Задоволен е од постигнатото, но не и од случувањата во хотелиерството и воопшто во туризмот. Смета дека постојат изместени вредности, искривени ставови и погрешни толкувања на поимите туристички работник, добар стопанственик и лојален граѓанин. Обврските кон државата ги смета за граѓанска должност и го поздравува ставот на Советот на општината кој побара расчистување на проблемите со наплаќањето на туристичката такса. Неговиот хотел е еден од ретките кои ја имаат платено туристичката такса во целост, со што тој не се гордее. Без влакно на јазикот зборува за состојбите во туризмот за Охрид и е оптимист дека доаѓаат подобри времиња.

Ohridnews: Петнаесетина денови остануваат до Нова година. Каков е интересот на туристите за вашиот хотел?

Зоре Темелковски: „Славија Спектар“ во изминатите неколку години изгради некој имиџ пред странските туристи и воглавно нашите аранжамни секоја година ги презентираме на бугарскиот и српскиот пазар, како најблиски држави и по традиција и по менталитет. И оваа година нашиот скромен капацитет од 50 соби го продадовме уште во ноември, но овојпат направивме поселективен избор и донесуваме луѓе кои после новогодишните празници од она што  треба ние да им го пружиме ќе се вратат повторно, ама како наши пријатели кои ќе пробаат да инвестират во Охрид и да придонесат нешто за елитниот туризам во Охрид. Се обидувам постојано Охрид да го промовирам во светот како елитна дестинација и мислам дека времето ќе го надмине ова упропастување на Охрид со неконтролираната изградба и апартманизација и дека заедно со новите генерации кои доаѓаат, ќе направиме напор на градот да му го вратиме препознатливиот сјај на историска раскрсница каде се испреплетуваат култури и цивилизации кои зад себе оставиле огромно историско и духовно богатство кое треба соодветно да го претставиме.

Ohridnews: И вашите колеги се речиси исполнети за претстојните празници. Станува ли Охрид полека топ дестинација ?

Зоре Темелковски: Од година во година Охрид се повеќе станува топ дестинација за туристите од соседството. Тоа значи дека хотелиерите ги сфатија потребите на туристите, се смени малку менталиетот на луѓето и односот на персоналот кој работи во хотелите, кој сфати дека е тука заради туртистите. Не се доволни само Охридското Езеро и природните убавини, туку требаше да се направат промени во туристичаката понуда. Ние тоа во „Славија Спектар“ го сфативме и хотелот го продаваме како дестинација со посебни услуги и екскурзии во рамките на постетата на Охрид, што придонесе хотелот наредното лето да биде продаден од 26 јули до 31 август полно за празно.

Оhridnews:  Топ тема во охридската јавност, но и пошироко, деновиве е објавувањето на имињата на неплаќачите на туристичката такса во медиумите и жестоката расправа во Советот на општината на оваа тема. Вие сте еден од ретките кои во целост  ја подмириле туристичката такса. Како гледате на овој проблем?

Зоре Темелковски: Давам целосна поткрепа на советниците и нивната одважност што одлучно побараа решавање на проблемот со неплаќањето на туристичката такса, нешто што требаше од поодамна да се направи.

Во Европа во бизнисот одамна функционира правилото неплаќачите да се објавуваат на страниците на печатот по економските комори и секаде, исто и неплаќачите на данок. Ако не се подмируваат давачките кон државата, трошоците за струја, вода, платите, придонесите и слично, која е моќта на нас стопанствениците да ги возиме скапите џипови да имаме приоритет при влегување кај локалната самоуправа, Владата и останатите институции и да се појавуваме во медиумите, а една минимална туристичка такса која е во функција на развој и привлекување на гости да не ја плаќаме.

Од друга страна извинувањето кон хотелиерите кои во медиумите беа посочени дека не ја платиле туристичката такса е предмет на дискусија и став на поединци, но треба да сфатиме дека веќе не можат да бидат заштитувани одредени групации, поготово не ние кои што сме носители на поголеми бенефиции за разлика од обичниот граѓанин. Јас тоа сум го осетил и сакам да го вратам. Посочени сме како „Славија Спектар“ дека сите давачки од такси до вода, струја и плати ги имаме подмирено, но јас се чувствувам мизерно сега кога треба да кажам дека сум ги подмирил сите обврски кон државата затоа што тоа е моја граѓанска обврска и тоа најмалку треба да биде за пофалба.


Неплаќачите на туристичка такса не треба да се штитат-Зоре Темелковски

Сметам дека доаѓаат нови времиња во туризмот. Охрид има туристички потенцијал, човечки ресурси, квалитетни професори на Факултетот за туризам и млада генерација која знае што сака, бидејќи не е само доволно ние од хотелска асоцијација да се сликаме со одговорните во државата, туку се потребни проекти кои треба да ги реализираат стручни лица со нови, европски идеи, завршува Темелковски.

Раговарал: Горан Момироски
фото: Спаско Костоски