Младиот професионален охридски актер Стрезо Стаматоски  е дел од Нов театар од Охрид кој заедно со Мал драмски театар од Битола прави напори да ја заживее сцената. Во претседателскиот апартман  во „Инекс Горица“  во средата беа одиграни претставите „Валкани приказни” и „Граница“, во режија на Софија Ристевска.

Како дојде „Валкани приказни “ до претседателскиот апартман во хотелот „Инекс Горица“?
 
” Валкани приказни” излезе многу спонтано и, пред се,  многу неорганизирано. Првата идеја на режисерката Софија Ристевска беше да направиме римејк на една нејзина постара претстава од Едуард Олби, „Случка во зооошката“. Но како што тргна процесот, искористивме многу текстови. Направивме компилација од Педро Хуан, Ева Инслер и Рене Полеш, и практично од Едуард Олби останаа само неколку малечки реплики. Тоа е продукт чии автори сме Софија Ристевска, Никола Тодоровски и јас. Претставата изобилува со емоции и експресионизам од страна на актерите…


Стрезо Стаматоски: Во ова време потешко е да насмееш човек отколку да расплачеш

Каква порака имаше можност да види публиката која мораше да биде во ограничен број од 15 луѓе?

Пораката? Има премногу пораки. Практично секоја  приказна си носи своја порака. Рене Полеш е човек којшто говори за антиглобализацијата, Педро Хуан е познат по некултивираната страст, а Ева Инслер ја знаеме по нејзините феминистички пораки. Сето тоа е вклопено во задржаноста и интелектуалноста на Олби. Обработува тема на сексуалност, наркоманија, сиромаштија, има прекрасни пораки.

Каква е твојата улога во „ Валкани приказни“ ?

Мојот лик е различен во секоја приказна. Се јавува и како робијаш, жена, травестит…

Веќе три години си професионален актер, но си дел од „Медија артес“ од самиот нејзин почеток. Зад тебе остануваат бројни улоги и проекти.

Сме одиграле повеќе претстави како финални презентации од одредени проекти во Данска, Франција, Грција, Босна, Бугарија… Најголем впечаток ми остави претставата „Крик зад маската “ што ја играв во 2001 година  каде се појавив како аматер, но тука беше „Хамлет во пикантен сос“, „ Миротворец“ и други.

Како е да се биде професионален актер во град во кој долги години нема професионална театарска куќа, а важи за центар на културата?

Како актер, најчесто колегите си ја познаваат својата професија и ништо друго. Јас, работејќи како професионалец без сопствена куќа, требаше да поминам плејада други обуки од типот на техничар, светло мајстор, водење камера, па и  режија и сценографија, за да можам да работам и на други места. Сето тоа е поврзано со мојата професија и доколку имаме сопствен дом, тогаш сето знаење и искуство коешто сме го стекнале ќе го вложиме таму стопроцентно.

Што претпочита Стрезо. Комедија или трагедија?

Според мене потешко е да се игра комедијата, зашто денес е потешко да насмееш отколку да расплачеш човек, но и двете си имаат голема тежина. Конкретно, јас сакам да играм во претстави кои изобилуваат со емоции.

По какви театарски патеки чекориш во моментов ?

Генерално, во моментов сум сконцентиран на Охрид  создавањето на професионален театар какков што заслужува и Охрид, но не е исклучена  и некоја претстава надвор од градот. Сепак не би најавувал ништо додека се уште не е договорено.

Ohridnews