Политичката криза во Македонија се продлабочува и може да предизвика граѓански конфликт, затоа е потребно час поскоро лидерите на позицијата и опозцијата, Груевски и Заев, да седнат на заедничка маса, ако треба и да се примораат, да постигнат политички договор кој ќе биде преточен во кодекс на политичките партии за клучните интереси на државата, а потоа да се оди на избори. Ова меѓу другото во интервју за Ohrid News го вели Стефан Буџакоски – професор на Универзитетот ФОН по предмети од казненото право и разузнавање и поранешен висок полициски службеник со дваесетгодишни искуство во службата. Во интервјуто тој се осврнува на аферата со прислушкувањто во Македонија и последиците, како и на работата на разузнавачките служби и нивната спрега со политиката.
OhridNews: Дали актуелната политичка криза во Република Македонија може да прерасне во безбедносна?
Буџакоски: Искуствата покажуваат дека секогаш политичките кризи се креирани дали од состојбите во одредена држава или се креирани од страна на разузнавачки служби во постигнувањето на свои цели. Ќе направиме една паралела помеѓу два вида на разузнавачки служби кога ја гледаме Македонија од аспект на интересите на тие служби. Во првата група спаѓаат разузнавачките служби на големите сили кои сакаат да постигнат доминација во светот и втората група како извор на загрозување на безбедноста на Република Македонија се разузнавачките служби на соседните држави коишто имаат најразлични интереси, спорот со името, територијални претензии, спорот со црквата и.т.н., коишто ваквите ситуации секогаш ги користат заради постигнување на нивните цели. Моменталната политичка криза одредени структури, држави, преку своите разузнавачки служби можат многу лесно со дополнување на некој елементи во оваа состојба да ги пренесат во безбедносни кризи на локален, регионален и поширок план. Република Македонија е интересно подрачје каде што има доста историски, цивилизациски вредности, ресурсни вредности, земјата изобилува со природни реткости, минерали и.т.н.
OhridNews: Постојат сомневања дека актуелната криза во Македонија е „производ“ на домашните тајни служби. Дали постои ефективна контрола на тајните служби во Македонија?
Буџакоски: Ние како држава сме млади во демократските процеси. Најголемиот проблем е што не успеавме да ги професионализираме разузнавачките служби. Тоа е една од најголемите пречки, ние ги држиме во тесна врска со владејачката структура којашто секогаш раката ја пушта повеќе отколку што треба. Доколку ги професионализираме, ние не ќе можеме да допреме до структурата на работење на разузнавачките служби, а со тоа не ќе можеме да користеме одредени нивни податоци за политички цели.
OhridNews: Што е со контролата на тајните служби. Зошто не се ефикасни парламентарните комисии за надзор на работата на службите?
Буџакоски: Втор елемент е незнаењето на комисиите како тоа да го спроведат. За да направиш контрола на вака специфични служби кои главно работат со тајни средства, кои се строго контролирани и конспиративни од самиот почеток на прибирање на информациите, до користење, така да за да извршиш контрола треба стручност. Предлогот е во овие комисии во Собранието на Република Македонија треба да влегуваат членови од парламентот кои ќе ја застапуваат политиката, надополнети со лица кои работеле во овие служби и ја познаваат методологијата на работата за да можат успешно да ја контролираат. Испаѓа само кога ќе ја видеме структурата на комисијата ние знаеме дека нема да има резултат, тоа значи дека извештајот ќе биде дека комисијата работи како што треба и законски.
Во Македонија треба да се централизира разузнавачко безбедносниот систем и да се направи една интегрална целина која ќе се командува од еден центар, бидејќи Агенцијата за разузнавање работи независно и е под контрола на претседателот на државата, додека контраразузнавачките служби се под ингеренции на МВР, а одредени сегменти под Министерството за одбрана. За да имаме успех во реализација на мерките, односно она што ќе го добие Агенцијата за разузнавање кои средства и методи, кои разузнавачки служби ја обработуваат Македонија, кои се нивните стратешки цели, што е цел на интерес, тогаш ние ќе можеме полесно да се заштитиме од такви активности на разузнавачки служби.
OhridNews: Дали во одреден момент можат да се злоупотребат информациите од чувствителен карактер и да предизвикаат меѓунационален или меѓуетнички конфликт?
Буџакоски: Самата природа на разузнавачките податоци е од врвен таен карактер за стратешките активности на државата и многу лесно може да се искористат во најразлични цели, не само во нарушување на меѓуетничките односи, туку и за постигнување на политички цели, надворешни и внатрешни цели, дури и како метод на уцена на одредени политички структури за постигнување на одредени цели. Ние имаме странски разузнавачки служби кои подготвуваат одредени политички партии како да дојдат на власт, како да опстојат и како да функционираат, односно веќе постоечки политички партии кои што се на власт, како да ја одржат власта, но да бидат во функција на целите на државите коишто тоа го прават. Исто така имаме и појава на подготвување на одредени личност за понатака да се инсталираат во политичкиот систем на државата за да може после да се користат, таканаречени агенти на влијание кои ги имаме во нашето опкружување и во оваа влада имаме некои сомневања, па и во претходните, имаме и личности кои биле на обука во некои прекуокеански држави кои сега се лидери на помали политички партии, а такви има и во власта.
OhridNews: Дали во регионален контекст со оглед на азилантската криза во Косово и состојбата во Грција може да се предизвика регионална криза и да се прелее нестабилност?
Буџакоски: Грчкиот проблем повеќе е насочен на економските состојби, но не значи дека нема да се преточат во поличката криза. Имајќи ја во вид политичката, економската и социјалната состојба во Македонија тие можат да имаат уште поголемо негативно влијание. Од друга страна косовскиот проблем не гледам дека може да влијае на нарушување на меѓуетничките односи во земјата, проблем гледам во најавите дека со вадење на одредени податоци може да дојде до дестабилизација на Македонија што не е добро бидејќи ние треба да изнајдеме начин како да излеземе од оваа политичка криза, која можеби е креирана, а податоците на ЕУ говорат дека таа е продлабочена.
OhridNews: Како да се излезе од кризата?
Буџакоски: Во Република Македонија е дојдено време ден поскоро да се одржи еден самит на политичките партии во земјата без посредништво на меѓународната зедница, на кој ќе се донесе кодекс за политичкото однесување на партиите и од позицијата и опозицијата од сите етнички заедници. Тој кодекс ќе значи патоказ за идно дејствување, оттука ќе се црпат сите приоритети на Македонија на економски, социјален и политички план и ставови по стратешките интереси на земјата како спорот со името и слично. Овој политички кодекс понатаму ќе значи договор за спроведување избори, тоа ќе значи дека политичките партии кои се стимулираат од страна да имаат етнички атрибут ќе станат граѓански, што е предуслов за градиме граѓанско општество. Ние според Устав имаме граѓанско општество, но во реланост не е така.
OhridNews: Што ќе биде со прислушкуваните раговори, како ќе се затвори оваа афера?
Буџакоски: Не велам дека не треба да се извадат некои податоци доколку ги има опозцијата, но треба да се внимава на последиците, затоа предлагам да се седне на маса и да се постигне политички компромис кој ќе биде преточен во кодекс врз основа на кој ќе се спроведат избори, а потоа да се процесуираат снимките дали преку институциите или ќе оди тоа во јавност не навлегувам, меѓутоа за да излеземе од политичката криза треба да се застане и да се постигне компромис, без присуство на меѓународната заедница, затоа што државите од страна секогаш ќе ги гледаат сопствените интереси.
Груевски и Заев мора да седнат на заедничка маса и да ги обединат сите политички партии да дојдат до одредено решеие кое ќе биде патоказ за излез од кризата која доколку се продлабочи може да има сериозни последици со ризик да се јават и меѓутнички конфликти и граѓански конфликти, затоа што гледаме голема поделеност. Мораме да работиме за Република Македонија, да не испадне принципот на политичари кога даваме интервју на телевизија се гледаме во огледало кажувајќи за себе односно кажувајќи за ликот којшто го гледаме во огледало кажуваме за другиот, а всушност кажуваме за себе.
Заради интересите на Република Македонија посебно лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, Гуевски и Заев, мора да седнат на маса да заборават на она што се случило во кабинет, се снимало не се снимало и да се договорат, па дури ако треба и да се примораат на тоа.
Горан Момироски