Во склоп на првата екипа во ракометниот клуб Охрид функционираат и екипите во младинска и пионерска конкуренција кои со успешност се натпреваруваат со останатите врсници од нашата земја. Пионерите со речиси перфектен скор сигурно чекорат кон титулата во својата лига, додека младинците имаат изгледни шанси да бидат дел од завршниот турнир.
Пионерската и младинската екипа се издигнаа на едно повисоко и поквалитетно ниво, откако палката во младинските категории пред четири години ја презеде поранешниот играч на РК Охрид, Наум Бабачев. Тој целото свое знаење акумилирано низ кариерата несебично им го пренесува на ракометарите кои се нова ракометна гордост на градот.
– Една од работите кои отворено сакам да ги кажам дека како тренер не се плашам од пораз, затоа прво посегнав по основните работи во ракометот, а потоа приоритет ми е од РК Охрид да произлезат играчи што ќе даваат максимум, ќе бидат добро воспитани во општеството, ќе станат заедница која во иднина ќе се поддржува самата меѓу себе, акцент ставам и на нивното образование, технички подготвени во ракометот и се надевам добро претставување надвор од нашиот град, и најважното дека рамо до рамо со останатие екипи ќе ги бранат боите на Охрид во Супер лигата еден ден. Ова го напоменав, бидејќи ние минатата сезона се натпреварувавме во младинската лига во конкуренција у19 со годишна возраст во екипата од 15 години. Таа сезона акумулиравме најголемо искуство каде нашите деца се сретнаа со играчи кои сега ги бранат боите на младинската репрезентација, играат стандарно Супер лига и мило ми беше да видат еден ракомет на едно сосема друго ниво кое го посакуваме. Оваа сезона можам да кажам дека почнавме да имаме позабележителни резултати и во младинската лига и одиме чекор напред со макотрпна работа. Нашата работа ја препознаа другите тренери и Ракометната федерација на Македонија (РФМ) која на тренерските семинари го пофали РК Охрид како вистинско освежување на ракометна сцена, што за нас преставува голем елан за понатамошна работа. – изјави Наум Бабачев.
Без страв, размислување и со голема желба за работа во охридскиот клуб Бабачев ја прифати тренерската улога во младинските екипи. Бабечев постепено се развива посетувајќи ги тренерските курсеви организирани од РФМ.
– Лична цел кога прифатив да ги водам младинските екипи беше да го имплементирам мојот систем кој го замислувам во ракомет кој е многу поразличен од другите и да стане препознатлив за нашата екипа. Веќе четири години работам и мило ми е што дечињата знаат што сакам да постигнам и во целост го прифатија мојот системот и размислувањата. Концептот кој го воведов е едноставен, секое дете да добие шанса да научи и да игра ракомет притоа трпеливо чекајки ги да дојдат неговите 5 минути, да имаме право на разговор за секоја тема од ракометот и надвор од него со сите играчи притоа не жалам што сум го поминал времето во разговор со секој од нив. Како тренер уште на почетокот се обидов да им кажам дека кај нив секогаш ќе го признавам само максимумот и го презирам ноншалнтното однесување на теренот. Покрај тренинзите редовно одржуваме состаноци со играчите и на почетоткот морам да кажам на неверување на самите деца имавме и тренинзи каде беше застапен и психолошкиот дел кој после одреден период децата признаа дека многу и помогнал. Морам да го потенцирам и моето дооформување на ракометното знаење преку пратење, слушање на семинари и модули од страна на РФМ. Се здобив со диплома МОДУЛ 1 тренер за сите младински категотии и МОДУЛ2 за тренер во Првата лига каде овие дипломи преку меѓународна РИНК конвенција се признати во повеќе од 120 земји во светот каде во иднина би ми се отвориле многу можности. Се стремам да се здобијам и со последниот модул 3 со кој ќе можам да водам екипа од Супер лигата. Крајна цел е најпрестижното признание во ракометот „Master Coach“, но за тоа потоа.- додаде тренерот во младинските категории во РК Охрид.
Пионерите го кренаа Охрид на нозе победувајќи го тимот на Јуниор Ивни од Струга во супер дербито за првата позиција во пионерската лига. Со триумфот во „Билјанини Извори“ избраниците на Бабачев се одлепија на врвот кој љубоморно го чуваат.
– Пред натпреварот во Охрид екипата на Јуниор Ивни од Струга немаше пораз три години во пионерската лига. Бевме многу блиску таа серија да им ја прекинеме уште во првата полусезона, но судиска грешка во финишот не чинеше победа. На состанокот со играчите пред натпреварот им реков дека овој меч е важен и одлучувачки, а тие го изиграа како да им е последен. Убаво беше да се види полна сала, чисти емоции од играчите од двата состави и допадлива игра од моите момци. Победата над стружани ни даде дополнителен мотив за понатаму и доказ дека работиме правилно и во вистински патоказ го имаме насочено охридскиот клуб. – заврши Бабачев.
OhridNews