Охрид од 8 до 10 мај за прв пат ќе биде домаќин на спортската „Гимназијада“. На овој голем спортски настан учество ќе земат повеќе од 1000 ученици од државата кои ќе се натпреваруваат во фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и атлетика. Охрид е подготвен за Гимназијадата вели во интервјуто за „OhridNews“ градоначалникот Никола Бакрачески. Тој се осврнува на значењето на организацијата на оваа спортска манифестација и открива детали поврзани со развојот на спортот во градот.

OhridNews: Охрид за прв пат ќе биде домаќин на „Гимназијада“, спортска манифестација која на едно место ќе ги собере младите од сите краишта. Колкаво е значењето на овој настан за Охрид?

Бакрачески: Организацијата на едно вакво масовно школско натпореварување за нас како град домаќин е значајно од неколку аспекти. Прво тоа е еден убав спортски настан кој што ги обединува учениците од целата република, настан кој што ги социјализира децата од средношколска возраст на еден посебен начин преку дружење, комуникација и размена на искуства и од друг аспект тоа е настан кој го промовира спортот кај младите граѓани на Македонија на оваа возраст и ги развива здравите животни навики. Од друга страна самиот факт што се дава посебен акцент на промоцијата на едно вакво масовно спортско натпреварување во државата на свој начин претставува поттик за младите луѓе да ја врежат љубовта кон спортот кај нив. Тоа, пак, придонесува преку организација на вакви спортски настани младите да се отргнат од пороците во едно општество. За нас како организатори Гимназијадата има дополнително значење, бидејќи ќе придонесе за промоција на Охрид во насока на иден организатор на големи спортски натпревари, како и сеопшто во промоција на вредностите на градот.

OhridNews: Гимназијадата го промовира и волонтеризмот помеѓу младите кои комплетно се погрижија за организација на овој голем спортски настан?

Бакрачески: Тоа е уште една придобивка од Гимназијадата која ја поттикнува креативноста на младите во Охрид. Во таа смисла тоа подразбира и волонтеризам од многу аспекти на организација на Гимназијадата, од начинот на организација на самите спортски натпревари, уредување на спортските терени, тука е и социјалната компонента, односно дружењето во текот на манифестацијата, забавно рекреативните и промотивни активности околу настанот, како и маркетиншки активности. Едноставно кажано процес на организација преку кој младите го развиваат креативниот дух. Јас имав прилика да ги пратам нивните подготвителни активности во изминатите недели и среќен сум бидејќи младите просто живеат за овој настан и на некој начин Гимназијадата го одбележа овој период од годината во нивното живеење. Придобивките од организација на Гимназијадата за младите во Охрид ќе бидат многукратни.

OhridNews: Гимназијадата по една деценија го реактивира и Сојузот за училишен спорт во Охрид, кој активно се вклучи во организација на натпреварувањето?

Бакрачески: Сојузот за училишен спорт подолго време наназад и покрај напорите да ги промовира училишните спортови и лиги, не наидува на поголема поддршка од општеството на ниво кое е потребно за развој на спортот. Сепак сметам дека во последно време поддршката не само на локалната самоуправа, туку на целата заедница е единствена кон промоција на овој спортски настан. Тоа е значаен сегмент од нашето општествено живеење кој што посебно треба да се гаи, да се помага и поддржува и во иднина. Локалната самоуправа даде значаен придонес и во промоција, но и во организацијата на овој спортски настан, секако и финансиска поддршка и сметам дека сето ова ќе биде поттик во иднина да се организираат вакви настани од пошироко општествено значење, а ние покажавме дека имаме и капацитети и луѓе да реализираме вакви манифестации.

OhridNews: Заштитно лице на Гимназијадата е ракометниот репрезентативец и ѕвезда на „Металург“ Наумче Мојсоски. Дали тој е примерот кој што треба да го следат младите?

Бакрачески: Не случајно изборот падна на Наумче Мојсоски. Мислам дека се избра најсоодветната личност која што може да биде репрезент на оваа спортска манифестација, кој може да биде пример за младите како треба да го развиваат и спортскиот дух, но и социјалната компонента од своето живеење, начинот на комуникација со пријателите и пошироката заедница и јавноста. Сметам дека во Наумче Мојсоски како врвен спортист младите не само во охридско –струшкиот регион, кој јас го сметам како една заедница, туку и во цела Македонија ќе најдат пример во неговата спортска кариера, кој што ќе го следат и ќе бидат поттикнати во нивниот спортски развој.

OhridNews: Охрид беше домаќин на финалниот турнир од националниот куп во кошарка, претстои „Гимназијадата“, а веднаш потоа и финалниот турнир од Купот на Македонија во ракомет. Што значат сите овие настани за спортот во Охрид?

Бакрачески: Високо на агендата на локалната самоуправа е и организацијата на врвни спортски настани заедно со јавното претпријатие „Билјанини извори“ кое произлегува од општината, и наша задача е да покажеме пред пошироката македонска јавност дека Охрид претставува бренд и во спортот и преку организација на вакви настани да го поттикнеме развојот на спортски Охрид, она што подолго време му недостасува на градот. Ние силно лобиравме да ја добиеме организацијата на Куптот на Македонија во ракомет. Во овој момент ракометот е спорт број еден во државата, европски препознатлив и нешто со што Македонија може да се гордее. Она што беше важно за нас по добивањето на суперлигаш во ракомет во Охрид, после успесите кои што за нас претставуваат своевидно придвижување на ракометот со обезбедување опстанок во елитата, што беше наша зацртана цел за оваа сезона, организацијата на завршниот турнир од купот ќе претставува дополнителен поттик за младите и за спортските работници да продолжат со своите активности во насока на развој на спортот и спортските клубови кои ќе достигнуваат врвни резултати. Добивањето на организацијата на Купот во ракомет за нас претставува голема чест, нашето лобирање успеа и најавувам дека идната недела ќе имаме врвен спортски настан во Охрид, до сега невиден кај нас. Се подготвуваме сериозно за овој настан кој ќе биде голем спортски спектакл кој што до сега градот го немал и ќе докажеме пред пошироката јавност дека Охрид е подготвен за организација не само на големи национални, туку и на меѓународни настани.

OhridNews: Ќе продолжи ли поддршката на градот и градоначалникот на спортот?

Бакрачески: Секако, јас прво како граѓанин на Охрид, а потоа како градоначалник, сум вљубеник во спортот, и заедно со тимот на локалната самоуправа и одделението за спорт и млади и понатаму ќе работиме на стратегијата за спорт и ќе дадеме силна поддршка на младите спортисти, на спортските работници и клубовите кои постигнуваат значајни резултати во натпреварите.

OhridNews