Кога уредникот на Ohridnews ме замоли јас да го направам интервјуто со Филип Тасевски – Фиц, главниот погон зад машината наречена “Новиот Почеток” од Скопје, по повод нивната концертна промоција на албумот “Јас сум земја” изминатиов викенд во Охрид, малку се уплашив. Поминаа многу години од последното мое интервјуирање на музичар. Сега кога го препрочитувам текстов сфаќам дека повеќе личи на неформален разговор, отколку интервју, но и самата комуникација преку Skype ни беше таква, доста опуштена и спонтана. Таква и ви ја пренесуваме во целост.
Ohridnews: Дали си добар, одмори ли малку? Каде се наоѓаш во моментов? В канцеларија? Гледам дека не се реши да останеш уште некој ден дома, имајќи предвид дека изминативе месец и половина секоја вечер го менуваше креветот низ европските градови?
Филип Тасевски – Фиц: Добар сум, фала на прашањето. Во моментов се наоѓам во мојата BTSAF канцеларија, back to work… пробам да се стабилизирам и нормализирам, ама некако потешко ми оди овој пат… Доживувам мал културен шок а и се обидувам да се вратам во она другото темпо.. да не речам нормално.. бидејќи не знам што е нормално 🙂 Следниов викенд конечно ќе спијам повеќе од 6 саати.. беа напорни месец и нешто.. ама и супер забавни и полни со енергија :)).
Ohridnews: Кој ти држи банана врз главата?
Филип Тасевски – Фиц: Борјан хахаха… (н.з. Борјан Сандревски – басист на Новиот Почеток)
Ohridnews: Жешко е, така? Ако ти кажам дека интервјуво ти го правам од плажа, како ќе реагираш?
Филип Тасевски – Фиц: Ќе ти љубоморам нормално. Не ми е лошо и мене, на клима сум. Ако се лажеме не ми е.
Ohridnews: Хахахаха… да се навратиме на разговоров. А и викендов имавме набиена агенда. Спласнаа ли импресиите? Си дојдоа ли мислите на свое место. Мене се’ уште силно ме “дрма” енергијата од концертот на бродот.
Филип Тасевски – Фиц: И мене исто. Настан на летото, а веројатно и на годината. Еден од најдобрите концерти во мојот живот.
Ohridnews: Такви се и реакциите од присутните… Имаше премногу радост, насмеани и ведри лица. Така е секогаш на вашите концерти, нели?
Филип Тасевски – Фиц: Точно точно…Секој концерт е единствено доживување. И во принцип многу позитивна енергија.
Ohridnews: Точно. Некој на бродот спомна дека личеше по малку на легендарниот “излет” на Sex Pistols со брод по Темза, кога во 1977 ја “поздравија” кралицата Елизабета на сребрениот јубилеј од нејзиното седнување на британскиот кралски трон. И вие пративте силна порака до овдешните политичари.
Филип Тасевски – Фиц: Пративме.. ама ми е страв само да не бегаше звукот, дека на отворено..Ха-ха-ха…
Ohridnews: Jас не се сомневам дека пораката ќе стигне таму каде што треба.
Прилично брз ритам на животот живееш овој период од годината, односно изминативе седум месеци, од почетокот на 2015 година. Последните подготовки на четвртиот албум “Јас сум земја”, па неговото излегување пролетта, концертната промоција во Скопје, Европска турнеја… Ајде малце да си позборуваме за турнејата додека се свежи сеќевањата. Што има ново низ Европа?
Филип Тасевски – Фиц: Ух, генерално убави работи. Убаво си поминавме, бевме супер прифатени и како и секогаш – имаше супер атмосфера на повеќето концерти. Можеби една од најинтересните турнеи, иако немаше премногу големи исклучувања т.е “Кауч Крал™” моменти…
Свиревме низ Србија, Хрватска, Словенија, Германија, Белгија, Чешка и Словачка.. а имавме и day OFFFFF (day out) во Холандија. Не би можел да издвојам посебни моменти.. најдобро би било да се прочита дневникот на нашиот веб-сајт.. на кој се уште му фали третиот и последен дел . Ќе го допишам деновиве… штом се стабилизирам малку..
Ohridnews: Да, да… и јас го чекам. Ве следев цело време. Уникатен хумор во водењето на дневникот, морам да признаам
Филип Тасевски – Фиц: Прв пат кога пишував дневник, за првата турнеја.. српскиот беше стварно таков.Сега е само хумористичен стил. Не дека научивме српски, но сме подобрени.
Ohridnews: Одличен беше, делуваше шмекерски.
Иако велат музиката е универзална, пеете на македонски. Како реагираше европската публика?
Филип Тасевски – Фиц: Од (брз) хардкор панк научив дека јазикот нема врска со енергијата што се пренесува. Секако, панкери читаат.. па ако ги интересира луѓето секогаш можат да отворат и да видат преведено за што се пее во песните..
Моите први текстови ги пишував на англиски.. некаде уште кога бев во основно.. но подоцна сфатив дека едноставно не е возможно да се изразуваш вистински како што се изразуваш на сопствениот јазик.. односно да пишуваш на друг јазик ако истиот не го употребуваш секојдневно..
Плус, сметам дека пеење на свој јазик има дефинитивно свој шмек.. Кога пееш на англиски, стануваш дел од морето на мал милион бендови.. едноставно не си толку свој.. тоа е барем мој став..
Што се однесува до името на бендот, тука можеби би направил промена кога би се вратил во минатото.. барем за полесно да го изговараат луѓе.. Oh well.. никој никогаш не претпостави дека ќе тргнеме по турнеи.
Ohridnews: Кажи ми, дали можеби некаде низ градовите во публиката сретнавте и Европски државјани од “нашите краеви”, имајќи предвид дека последниве години доста млад свет ја напушти Македонија барајќи го своето место “под Сонцето” во другите држави. Еве, да не одиме далеку, но лично познавам многу луѓе кои работат пример во Словенија, од различни професии, преку доктори угостителски работници, a и наемни работници од секаков вид.
Филип Тасевски – Фиц: Од муабет низ град слушнав дека меѓу 250.000 и 400.000 се отселиле од Македонија. А дека многу луѓе повеќе не се овде почнав прв пат да приметувам кога праќав покани на Facebook за промоцијата што ја имавме во мај… речиси секој втор беше (и сè уште е некаде) отиден..
Македонци сретнавме.. еве да речем во 75% од местата каде што свиревме.. повеќето од нив немаат никаков план да се вратат назад.. и баш ми е драго за сите нив.
Живеењето овде е најтешко во Европа.. ние живееме во матрикс.. матрикс на надеж… а ништо нема да се промени и веројатно ќе стане и многу полошо… крпиме крај со крај, и допрва ќе страдаат и нашите деца.. ден за ден, еден по еден..
Ohridnews: Чекај, сега нешто друго ми текна. Што си по вокација, социјален работник?
Филип Тасевски – Фиц: Социолог.
Ohridnews: Блиску бев… Од таа перспектива и ги пишуваш текстовите. Спомнуваш душевна клаустрофобија, окови на нозете, насмевки пластични… Дали е ова реалноста на животот во “стаклената градина” или “резерватот” како што милуваш во текстовите да го наречеш местото и реалноста во која живееме?
Филип Тасевски – Фиц: Апсолутно..Сам си одговори :)))) Всушност панкот ме наведе.. па после и социологијата.Решив да го изучувам општеството за да имам право да го критикувам повеќе.
Ohridnews: Фала. Туку, ајде да се вратиме на рокенролот. “Јас сум земја” – четврти албум. Не многу бендови успеваат да се задржат толку долго на сцената. Цели дванаесет години и еве четири албуми. Последниов ммам впечаток дека македонската публика доста брзо го припои за себе и се идентификваше со текстовите и музиката. Ја однесовте мелодијата на едно друго ниво од класичниот панк-рок стил. А и голем скок напред се забележува во продукцијата. Околу снимањето…
Филип Тасевски – Фиц: Тринаеста година ова лето :)) Ова е логична прогресија на звукот.. на некои не им се допаѓа, но мислам дека многу поголем дел го прифаќаат новиот звук. Можеби на по панк публиката не и е толку панк, но јас мислам дека е најпанк до сегаА и во исто време е доста по уметнички албум.. гаражен, аналоген, топол, дрвен звук, smooth..И сме многу среќни со него.. и со тоа што направи Ивица Јанкуловски Штраф (н.з.техничар на звук на сите Европски концерти на Manu Chao) за нас.. Еве една благодарност од срце до него.
Ohridnews: Во Бугарскиот „Scraggled Music“ за Новиот Почеток пишуваа, цитирам: “Да си еден од најголемите панк бендови на Балканот е исто толку престижно, колку и да си Bad Religion” во Јужна Калифорнија” Годи оваа споредба. Каква е моментално ситуацијата на сцената во регионов?
Филип Тасевски – Фиц: Ова е сериозна споредба и полека почнав да разбирам дека стануваме еден од најодговорните бендови на балканот.. Одговорни за нашиот регион. Еве еден fun fact: Кога бев мал сакав да одам во Америка и само до пред неколку години мислев дека ако отидам таму ќе бидам доста успешен со музиката.. што можеби Е остварливо.. но подоцна сфатив дека стануваме битен дел од историјата.. колку и себично да звучи.. овој бенд опстојува веќе 13 години, има 4 албуми.. и имаме свирено по многу дупки на балканот.. тие што слушаат ваква музика, реално, не може да не не знаат.. а можеби и допрва ќе излеземе и на површина, малку пошироко.. ќе видиме. Регионалнава сцена е супер. Треба да сме горди на тоа што го имаме регионално.. и да ги поддржуваме локалните музички херои.. Имаме стварно супер бендови. И не само тоа, туку и публика, фанзини, фотографи, новинари, пошто нели не се само бендовите сцена.
Ohridnews: Фиц, ми беше мило што си направивме краток муабет, начнавме некои теми кои се повод за друго, следно интервју. Сепак панкот и политиката одат рака под рака, не можат едната работа без другата. Уште многу работи имам да те прашам, но времето и на двајцата не ни дозволува. Концертот на бродот останува да се памети кај присутните Охриѓани, Скопјани, Стружани и Битолчани како хајлајт на летото 2015 во Охрид. Јас го гасам лап-топов. Те поздравувам и се радувам на следната наша средба, било приватна или професионална.
Филип Тасевски – Фиц: Фала ти Жура за се што направи за нас! smile emoticon Покажа и докажа дека од една обична идеја и начнат муабет може да излезе една незаборавна реализација.. Верувам дека сите си поминаа убаво на бродот.. тоа се гледаше во очите на сите присутни. Фала ти уште еднаш, фала и за ова интервју.. и се гледаме во следна прилика.. а ти продолжи да правиш супер работи за себе, твојот град, држава и се разбира сцената! Поздрав од мене, правам logout.
Разговорот за Ohridnews го правеше Филип Ангеличин – Жура