Охриѓанецот Боби Мојсовски со својот моќен глас, беспрекорната интерпретација и впечатливите сценски настапи ја освои публиката на Регионалното музичко шоу „Х-фактор–Адриа“.

Иако заврши како вторпласиран на ова музичко натпреварување, за Охрид и Македонија Боби е морален победник. За неговите лични импресии, за деталите од натпреварувањето и неговите идни музички планови може да прочитате во рамки на интервјуто дадено за OhridNews.

OhridNews: Беше на чекор до победа на „Х-фактор–Адриа“, какви се впечатоците и искуството кое го понесе од целокупното натпреварување и како се чувствуваш во моментов?

Боби: Мене ми е навистина драго што постигнав толку висок пласман и добив огромна поддршка од мојата Македонија, а и од целиот Балкан. Никогаш не се оптоварував со победа, затоа што целта ми беше само промоција. Помислата дека има толку многу луѓе кои ме сакаат и ценат мене како личност и мојот труд, дека успеав до многу да допрам преку музиката, ми дава мотивација и инспирација да одам напред. Од X-Фактор научив многу работи, пред се, како функционира шоу-бизнисот, запознав многу нови пријатели, други професионалци кои си ја знаат својата работа многу добро. Се чувствувам прекрасно.

OhridNews: Иако и претходно беше активен на македонската сцена, благодарение на учеството на ова шоу стекна голема музичка слава и во Македонија и на Балканот, ти годи ли  популарноста и дали веќе се сметаш за музичка ѕвезда?

Боби: Самото шоу беше одлично за промоција и тоа и успеав да го постигнам. Никогаш не сум се гледал себеси како ѕвезда, jaс  музика ја гледам како универзален јазик за сите, отворање на душата и размена на емоции. Кога пеам, доколку успеам да ги допрам луѓето или да ги развеселам, сум ја постигнал целта.

OhridNews: По „Куќата на судиите“, гласовите на публиката те вратија повторно во ова музичко натпреврување, дали тоа придонесе за поголема одговорност во текот на натпреварот и поголем мотив и желба за победа?

Боби: Се разбира дека е така. Тогаш сфатив дека ја имам поддршката, дека имам народ кој го цени она што имам да го понудам. Имав голема одговорност пред се, кон мојата држава, како и кон сите фанови и од целиот регион кои ми испраќаа пораки во инбокс и преплавуваа со коментари по официјалната страна на Х-Фактор Адриа, давајќи ми надеж и сила да се борам за мојот сон.

OhridNews: Речиси сите коментари на жирито беа пофални за тебе, чии коментари ти беа  најдраги и дали некој коментар посебно те мотивираше?

Боби: Фала богу, сите коментари на жирито до самиот завршеток на шоуто беа позитивни и навистина ми е драго поради тоа. Секој нивни коментар ми значеше многу, но никогаш нема да го заборавам станувањето на маестро Жељко Јоксимовиќ. Тогаш сфатив дека освен голем музичар, тој е голем човек, без суета.

OhridNews: Каква беше соработката со твојата менторка Александра Ковач и какви беа нејзините импресии по финалната вечер?

Боби: Александра ми помогна многу. Пред се, како личност беше тука за мене. Се грижеше за мене, за моето расположение, за здравјето, па потоа и за вокалната интерпретација. Како што кажа во едно интервју, мило и е што успеав и покрај бронхитисот да се изборам до крај, а нашата соработка продолжува понатаму.

OhridNews: Во финалето настапуваше во препреполната „Комбанк-арена“, какво беше чувството да се настапи пред толку голема публика, имаше ли трема?

Боби: За прв пат во мојот живот, не почувствував апсолутно никаква трема. Иако беше преполна Комбанк арената, единствено што осетив беше едно преубаво чувство и фидбек од публиката, едноставно не постојат зборови да се опише таа атмосфера. Нешто боженствено.

OhridNews: Каква беше соработката и дружбата со останатите натпреварувачи, со кого најмногу се дружеше?

Боби: Чудно, сите кандидати толку бевме блиски и се дружевме меѓу себе, што ни за миг не се почувствува некаква конкуренција. Најмногу се дружев со кандидатите од групата на Александра, особено со Милан Букилиќ.

OhridNews:Какво е твоето мислење за победникот на овогодинешното шоу Амел Чуриќ?

Боби: Со Амел бевме доста блиски, постојано се дружевме уште од почетокот на шоуто. Одличен човек, позитивен, полн со енергија и супер вокал. Има една интересна случка, пред неколку месеци, во bootcamp-от, Амел ми рече: Слушај ме, во финалето, на крајот, јас и ти ќе стоиме гушнати, рамо до рамо. Тогаш не му верував. Но, навистина испадна  така.

OhridNews: Какви се твоите планови на музички поле за во иднина, доби ли понуда за соработка со одредена продукција или менаџер и дали имаш понуда за музички настапи?

Боби: Се уште не можам да ви откријам детали додека не е се потполно сигурно. Но, благодарение на шоуто, добив многу понуди за соработка со врвни српски и македонски композитори, добив понуда од една позната продукција, па ќе видиме како ќе се реализираат работите.

OhridNews: Планираш ли објавување на нова песна или албум?

Боби: Се разбира, веќе почнав да работам на песна со мојата драга менторка, Александра Ковач. Имаме планови да ја снимиме и на српски и на македонски јазик, само чекам малку да се опоравам од настинката, па да се вратам во Белград и да влезам во студио.

OhridNews: Кои се впечатоците од дочекот во твојот роден  Охрид, како реагираат твоите пријатели и твоите најблиски и од кого ја имаше најголемата поддршка?

Боби: На сите им е навистина драго што успеав да стигнам до овде, но се уште не можат да веруваат, а ни јас, како животот ми се промени да кажам, преку ноќ. Бидејќи таму постојано снимавме, работевме, бевме настрана од публиката, тоа не се чувствуваше толку. Но, кога ќе прошетавме по „Кнез Михајлова“ во Белград или пред „Сити Мол“ во Скопје, сфативме колку голем резултат сме постигнале. Еве во мојот Охрид, постојано ми приоѓаат луѓе да ми честитаат, да се сликаат. Се случи дури и да дојдат на домашна адреса да ме побараат за сликање. А се разбира, јас секогаш сум достапен за сите, бидејќи за да го постигнам овој успех, најзаслужна беше поддршката и гласовите на публиката. Тие ми дадоа поддршка и почит, време е јас да вратам со иста мера и почит.

OhridNews: Дали планираш да ги почестиш своите фанови во Охрид со настап во некој клуб или на отворено?

Боби: Се разбира, отворен сум за соработка со секој кој ќе ме покани. Сега засега, се уште имаме ангажмани и концерти од страна на Х-Фактор, бидејќи договорот ни трае една година. Ќе настапуваме постојано низ регионот, а потоа имам и снимање на некој материјал. Но, штом се подослободам, би сакал да направам еден концерт во знак на благодарност кон мојот Охрид.

Елена Михајловска

Фото и видео: „Х-фактор – Адриа“