Ракометниот клуб Охрид во името на голманот Благојче Трајковски доби свој репрезент на 25-то Светско првенство во Франција. Првиот избор на голот од Охрид се најде меѓу осумте дебитанти кои ги поведе во Франција македонскиот селектор Лино Червар.  


– Многу бев среќен кога го видов моето име на списокот од Червар за подготовките во Маврово. Бев на сите собири кои ги организираше селекторот Лино Червар низ Македонија со играчите од Супер лигата и потајно се надевав на повик во поширокиот список. Помина доста време, цели 10 години откако бранев за Македонија на Светското првенство за младинци кое се одржуваше токму во Охрид. Голема чест е да се биде дел од вакво големо натпреварување, а чувството е неописливо со зборови, треба да се доживее. – реча Трајковски на почетокот од разговорот за Ohrid News.


Македонската репрезентација во осмифиналето ги заврши настапите на Мундијалот претрпувајќи пораз од Норвешка. Претходно, „црвено жолтите“ во Б групата имаа две победи над Тунис и Ангола, реми со Исланд и порази од Словенија и Шпанија и завршија на третата позиција.

– Првично за мене најголем успех беше што бев дел од македонската репрезентација на Мундијалот во Франција, а потоа како одговорив на предизвикот и на довербата од селекторот. Зацртаната цел пред Светското првенство ја остваривме, односно пласман во нокаут фазата и избегнување на Франција во осминафиналето. Го победивме Тунис на стартот кој само пред шест месеци на репрезентацијата и задеде тежок удар со триумфот во Олимписките квалификации. Славевме против Ангола, одигравме возбудливо реми со Исланд што нас ни донесе трета позиција, и париравме на Шпанија 40-тина минути и загубиме од Словенија која се бори за бронзен медал. Во осфминафиналето претрпевме пораз од Норвешка која пак обезбеди пласман во финалето. Севкупно гледано и сумирано имавме позитивен Мундијал. – потенцираше Трајковски.


Селекторот на Македонија, Червар форсираше игра „седум на шест“ во напад, што за голманите значеше постојано напуштање на голот и многу трчање во фаза на одбрана, ако нападот не постигне гол или погреши.

– Нашата селекција беше единствена на СП што играше цело време „седум на шест“ во напад, бидејќи другите селекции само периодично играа така колку да ја пробијат противничката одбрана. Ние таквата игра ја трениравме на стартот од подготовките и подготвени бевме за тие „излети“ од голот. Сепак, друго е тренинг сосема друго е натпревар. Физички и психички бевме подготвени, но притисокот над нас беше голем затоа што цело време мислиш и трчаш на измена, дали ќе стигниш на гол и слично. – истакна голманот.


Голманскиот тандем Трајковски-Колев константно беше прозван на социјалните мрежи за изданијата на голот од Македонија. – Со Колев соиграчи бевме во Охрид шест месеци и добрите односи од таму ги преточивме во репрезентацијата. Цело време во добро и во лошо се поддржувавме. Никој не е имун на коментарите особено на социјалните мрежи, но заедно со Колев се трудевме да не дозволиме тие да не исфрлат од ритам. Имаше што не фалеа, имаше и што не напаѓаа, но и едните и другите нас не мотивираа.

Трајковски во дебитанскиот настап на Македонија на големите натпревари успеа три пати да се запише во листата на стрелци. Прилепчанецот два пати погоди против Ангола, а еднаш прецизен беше против Шпанија.

– Головите на голманот се сплет на околности. Таква среќа имав јас на мечевите со Ангола и Шпанија. На дуелот со Ангола дадов два погодоци. Топките од блокот или после одбрана се одбија блиску до мене, нивниот гол беше празен јас пробав и не погрешив. Со Шпанија исто така пробав и успеав да го погодам голот на Перез де Варгас. Сето тоа јас го тренирам и во екипата на Охрид, а и новите правила дозволуваат екипите да играат без голман, што ја зголемува можноста на противничкиот голман да погоди од гол на гол. – објасни охридската „единица“.

Во финалниот натпревар од Мундијалот силите ќе ги одмерат Франција и Норвешка. Трајковски ја фаворизира Франција, но не ја отпишува Норвешка која ја елиминираше Македонија во 1/8 финалето. – Франција е апсолутен фаворит, не само поради домашниот терен, туку и квалитетот кој го поседуваат сите играчи во селекцијата. Меѓутоа, норвежаните имаат тимски квалитет и карактер, а ги осетивме и ние на своја кожа. Не ги зафаќа премногу еуфорија и играат она што го имаат договорено пред натпревар, без разлика каков е исходот на семафорот. Ќе биде вистински меч за гледање и уживање и заокружување на Мундијлот кој вечно ќе го паметам.

Голманот и се приклучи на охридската екипа која тренира со полна пареа за продолжението од Супер лигата. Ракометниот клуб Охрид првата полусезона и четири меча од втората од регуларниот дел од Супер лигата ги заврши на втората позиција позади Пелистер.

– По неколку дена одмор и се приклучив на екипата и веднаш се фокусирав на клупските обврски. Соиграчите се веќе во добар тренажен процес и тренираат со полна пареа. Еден бод ни е потребен за теоретски да го обезбедиме местото во плејофот, а таму не очекуваат јаки и квалитетни натпревари со Пелистер, Еурофарм Работник, Вардар, Металург и уште едниот тим кој ќе обезбеди учество. – заврши Трајковски.

Михаил Постоловски