OhridNews: СДСМ една и пол година ја практикува власта на локално ниво, во втор мандат. Како ја оценувате работата на институциите на локалната самоуправа, кои се во рацете на вашата партија? Граѓаните многу често ја критикуваат работата на администрацијата, која треба да биде нивни сервис и во пракса се жалат дека не е секогаш така?
Н. Јованоски: На јавноста и се познати определбите на едно, вистински, демократски определено општество, а тоа е пред се децентрализацијата на власта. На тоа укажува и меѓународниот фактор, конкретно и Европската Комисија. Тоа не е залудно барање или прашање кое се поставува туку-така и чие исполнување не зависи од вољата на владеачката гарнитура во државата. Децентрализацијата, како и слободата на медиумите, е столб на демократијата. За жал, и покрај сите тие укажувања и сознанија, Македонија денес важи за една од ретките држави со најјака централна власт.
Оттука, со оглед на закочената децентрализација на државата, локалната самоуправа во сиот овој период на практикување на локалната власт и не може да работи подобро или да има подобри резултати. Секогаш може и треба да се стремиме кон уште подобро, но за тоа е потребен амбиент, а него го нема во Македонија, па не може да биде подобро ни во Охрид бидејки ние овде не сме некое изолирано острово. Што се однесува до работата и критиките до администрацијата, не треба да се испушти од предвид фактот дека во таа администрација не работаат само членови на СДСМ туку ги има и оние кои се од другиот табор.
OhridNews: ОО СДСМ, како и централата на партијата се реорганизираа во изминатата година. Промени во партискиот огранок има, но не и на раководните места во секторите и јавните претпријатија кои се под ингеренции на Локалната самоуправа. Дали тоа значи дека сте задоволни од работата на градоначалникот и неговиот тим?
Н. Јованоски: Тоа што имало промени на партиско ниво и во Партијата, а немало во раководните структури на институциите и јавните претпријатија на општинско ниво, само по себе зборува, и докажува, дека СДСМ е демократска партија. Ние сме партија која ги цени способните кадри и им дава доверба на оние кои знаат добро да го работаат она за што се платени во интерес на граѓаните и целата општина.
СДСМ не поставува партиски војници и некадарни луѓе на раководни и одговорни функции само затоа што имаат партиска книшка, а не знаат да се справат со обврските. Таквиот стил на работа е одлика на една друга партија. Ние сме задоволни од Градоначалникот кој е член на СДСМ онолку колку се задоволни и граѓаните, а факт е дека и покрај сите опструкции на ВМРО-ДПМНЕ како партија која се поистовети себе си со државата, тој работи добро и во интерес на граѓаните. Тоа е нашата политика.
OhridNews: Каква е комуникацијата на партијата со градоначалникот Петрески, кој исклучително добро и се спротистави на владејачката партија на последните избори. Првиот човек на градот вели дека негова цел е да ја практикува функцијата во интерес на сите граѓани без разлика на нивната партиска припадност. Задоволни ли сте од начинот на кој Петрески го води градот и од соработката што ја имате со него? Според Вас, има ли и кои се грешките кои ги прават градоначалникот и администрацијата?
Н. Јованоски: Нормално е дека штом како партија сме задоволни и јас лично сум задоволен од работата на Градоначалникот и односите со него. Со реорганизацијата на СДСМ како партија и нејзиното целосно зајакнување од доаѓањето на лидерската функција на г-дин Црвенковски,се потврдува со секој нов ден дека соработката е максимално добра и така треба да биде. Што се однесува на тоа што го прашувате „дали имало грешки“, човечки е да се признае дека никој не е идеален и совршен, ниту пак дека оној што работи е безгрешен. Но, нашето поимање кон тоа прашање е да нема грешки од кои ќе трпат граѓаните во целост. На наше задоволство, такви грешки немало до сега, а не гледам ни причина да ги има во иднина.
OhridNews: СДСМ го предводи мнозинството во Советот на општина Охрид. Општ впечаток е дека овој Совет не практикува многу широка и суштинска расправава по одредени значајни проблематики кои го засегаат обичниот човек. Пред се тука би ја издвоиле урбанизацијата. Урбанистичките планови се носат речиси без дебата и без гласовите на опозиционата ВМРО ДПМНЕ, која на тој начин се амнестира од одговорност за , како што велат оттаму, урбанистичкиот хаос и деградацијата на Охрид? Се шпекулира со разни пазарења, задоволување на интереси на бизнис групации и лоби групи? Има ли вистина во сето ова?
Н. Јованоски: Во Советот на општината постојат разни Комисии и помошни тела кои се задолжени за одредена проблематика. Тие одржуваат состаноци пред секоја пленарна седница на Советот. Таму е местото за расправа и аналитичко согледување на она што треба да се најде на пленарната седница. Досегашната работа на Советот покажа дека ВМРО-ДПМНЕ ги користи пленарните седници за партиски маркетинг пред медиумите, а не за вистинска дискусија од говорницата. Сведоци сме дека тие, критики на работата на Советот или Градоначалникот, упатуваат само преку медиумите или партиски прес-конференции, а не и таму каде е местото за расправа.
Дали опозицијата во Советот се амнестира себеси од нешто или слепо ја следи својата централа во опструкциите кон Охрид и оваа локална власт – тоа е прашање за граѓаните и е доволен показател за желбата на ВМРО-ДПМНЕ да прави сеир на заложбите на локалната власт за развој на градот и општината.
Околу урбанизацијата, па и многу други прашања, нормално е дека постојат различни концепти. Но, концептот на СДСМ и на Градоначалникот Петрески не е ставање на Охрид „под стаклено ѕвоно“ кое ќе служи како експонат за разгледување. Во Охрид живеат вредни луѓе и граѓани кои заслужуваат повисок степен на квалитетен живот, помодерни станови и поголема удобност. Не може ние да ги присилуваме нашите сограѓани да живеат во куќи изградени пред 50-тина години или семејства со две-три генерации да го минуваат животот во еден заеднички стан. Кој е тогаш прогресот во животот и придобивката на секој еден граѓанин, ако тој не може да гради поубав и поудобен живот за себе и семејството, само затоа што некому му било поубаво- да има околу себе широки пространства?
Всушност, инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ да ја наметне урбанизацијата на Охрид како некаков си „аларм“, не е само партиски маркетинг пред недоволно упатените, туку и алиби за најголемото урбанистичко зло во Македонија, а тоа е проектот „Скопје 2014“ . Самиот премиер се фалеше дека е тоа проект што ВМРО-ДПМНЕ го внел во својата програма „за преродба“ што значи пред 3-4 години. Ете, станува јасно само по себе, зошто во Охрид неговата филијала е толку против урбанизацијата. Демек, ваму ќе правиме хаос со барокни градби и архитектонски глупости кои ја исцицаа државата финансиски, а таму ќе бараме граѓаните да ги кријат своите пари под душек или да одат надвор од земјата затоа што не треба да се градат нови станови!
OhridNews: ВМРО ДПМНЕ ве прозва дека за пет години власт во Охрид, СДСМ нема реализирано ниту еден капитален проект. Од друга страна ДПМНЕ е 4 години власт на централно ниво, но сведоци сме дека нема добра комуникација помеѓу општината и државата. Кој е виновен за тоа?
Н. Јованоски: Доколку под капитални објекти се подразбираат само триумфални порти, музеи на партијата, антиквизацијата, промашени и празни индустриски зони и Бунарџици; асфалтирање на заобиколници само околу Скопје и никаква патна инфраструктура надвор од него; болнички капацитети и породилишта како во 1945 година, тогаш навистина нема капитален објект во Охрид за изминатите 5 години. За овие 4 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, Македонија е доведена до дното на животот, но за нивна голема жал, не им успеа тоа да го направат и со Охрид, иако се обидуваат тој сон да го остварат по секоја цена.
Не мора да анализирате 4 години, доволно е да се сетите на пролетта 2009 година кога во изборите против овој Градоначалник беше ангажирана целата Влада на чело со Груевски, па да сфатите колку им е важен Охрид. Само по себе ќе ви се разјасни каква „соработка“ сака централната власт со Охрид и, поточно, колку сака да го казнува поради претрпениот пораз. За каква соработка се залага Груевски кога доаѓа во фантомски посети на Охрид, па го посетува Пештани на полноќ опкружен само со охридското партиско раководство?
Наспроти тоа, капитални инвестиции во Охрид се сето она што се направи во овие 5 години, а не беше направено во изминатите 50-тина години или што рече една старица од Подмоље: прв пат нешто се направило во селото од времето на Кралот. Зарем не е капитална инвестиција завршувањето на Колекторот, за што се чекаше 20 години ? Зарем не е капитално инвестирање да се отплаќаат наследени 15 милиони евра долгови и притоа да се вложува во тековниот развој на општината ? Навистина, ги нема оние објекти кои му се потребни на современ Охрид како што се Автобуската, Пазарот, катните Гаражи. Но, како да ги има кога општината нема свое место каде да ги гради со оглед на тоа дека целото земјиште е државно, па секој инвеститор бега со оглед дека му е ризик секое вложување ?
OhridNews: Охрид се уште не преминал во втора фаза на децентрализација. Локалната самоуправа обвинува дека централната власт намерно не дозволува премин на Охрид во втора фаза, бидејќи не сака да има успешна општина во која на власт е нивниот најголем политички ривал. Власта пак отворено го впери прстот кон општината и тврди дека таа не ги исполнува законските критериуми поради огромните долгови од над 10 милиони евра за кои тврди уште дека не се сервисираат, односно се создаваат нови. Пратеникот Александар Николовски, неодамна директно, ја обвини локалната власт на СДСМ дека го задолжила секое охридско семејство со по 800 евра?
Н. Јованоски: Накратко кажано: Како ги исполнуваат законските критериуми вмровските општини на кои Владата им доделува позајмици или под други форми им овозможила да влезат во втората фаза на децентрализација ? Од друга страна, зошто пратеникот Николоски не Ви кажа или и објасни на јавноста- по колку секое семејство во Охрид и Македонија е задолжено по основ на кредити што секој месец ги зема Владата на сите страни, колку секој граѓанин на Охрид и Македонија е задолжен од расипништвото на Груевски и неговиот сон за антиквизација ? Зошто не ви кажа колку оваа Влада им должи на фирмите, а во тие фирми работаат наши сограѓани, или зошто го крие тој податок како што змијата ги крие нозете ? Да не ВМРО-ДПМНЕ и неговата власт го задолжија секое охридско семејство со по 8.000 евра ?
Ohridnews: СДСМ и ВМРО ДПМНЕ не се согласуваат ниту околу концептот на развој на Охрид. Централната власт ве обвинува дека дозволувате урбана експанзија со што директно се уништува туризмот. Кој е вашиот концепт за развој на Охрид. Задоволни ли сте од резултатите на Секторот за локален економски развој и реализираните проекти споредбено со другите општини каде исто така СДСМ е на власт? Струмица на пример, каде се гради нов плоштад, нов трговски центар и.т.н.?
Н. Јованоски: Колку проекти и колку средства од ЕУ фондовите искористи Македонија, а при тоа се изнашетаа министри и квази „економски амбасадори“ ? Се’ жива корупција и неспособни кадри се во владините редови и меѓу оние кои шпартаат по Европа и светот за да донесат пари. Охрид не може да аплицира за проекти токму заради замрзнатата децентрализација и наследените долгови. Во тоа е суштината кога Градоначалникот вели дека централната власт го опструира Охрид. Не дозволува тој да се развива. А, развој без проекти и пари од надвор-нема. Тука е одговорот на прашањето за туризмот. Туризмот е слаб или не онаков каков што сакаме заради лошата патна инфраструктура, заради умртвениот Аеродром, заради немањето национална стратегија за оваа стопанска гранка, заради лошото менаџирање со Езерото, пловидбата и сл.
OhridNews: Во екот на туристичката сезона Капетанијата изрече забрана за пловидба на бродовите на Охридското Езеро. На сила е забрана за пловидба на скутерите. Голем број плажи државата ги издаде под концесија, но има се посилни реакции дека концесионерите не ги почитуваат договорите за закуп. Сето ова влијае на имиџот на Охрид, но од друга страна градот нема ингеренции над Охридското Езеро, плажите, сообраќајот на Охридското Езеро?
Н. Јованоски: Сето тоа што го наброивте е доказ повеќе за тоа- колку државата е лош стопан и заради тоа дека е подобро што поскоро да се забрза процесот на децентрализација.
OhridNews: Охридската економија е во колапс. Некогашните стопански гиганти или не работаат или едвај преживуваат. Судбината на ЕМО ги надживеа сите преврати во компанијата и владини тендери. Како вие гледате на економската состојба во градот?
Н. Јованоски: Катастрофално. Тоа не е за чудење ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ не води економска политика, туку политика на враќање на Македонија во антички времиња. ВМРО-ДПМНЕ има супер националистичка идеологија со повампирување на сеништата и НУЛА економска политика.
OhridNews: Општината нема надлежност над крајбрежјето, но под нејзина ингеренција е урбанизацијата и поставувањето урбана опрема, за која Советот секоја година носи одлуки. Наспроти ова сведоци сме дека секоја година владее хаос во цвентарот на Охрид, а одредени угостителски објекти од лето во лето ги прошируваат своите тераси навлегувајќи по два до три метри во езерото. Меѓу нив има и таканеречи “култни“ кафеани и тераси. Кој им дозволува да поставуваат урбана опрема каде ќе стигнат и да се прошируваат во Езерото?
Н. Јованоски: Па тој што го дава крајбрежјето под концесија сигурно дека пропишува некакви критериуми и одобрува поднесени проекти или елаборати. Нели деновиве охридската Капетанија и лично Капетанот направи контрола на плажите и јавно кажа дека се она што не е во склоп на концесијата и договорите ќе биде затворено. Јасно е значи кој и што дозволува.
OhridNews: Дали сметате дека во Охрид постои некаков ред во летната туристичка сезона. Знаете ли за бројните поплаки на граѓаните и туристите за бучавоста поради што не можат да спијат на вечер, тезгите и музичарите по чаршијата, концертите по плажите и на Античкиот театар до раните утрински часови?
Н. Јованоски: Се’ она што е надвор од Законот треба да се санкционира. Затоа е пропишана и репресијата и постојат оние кои санкционираат. Гласноста на музиката е едно, а комодитетот и „мирни ноќи “ е прашање кое задира во тоа- дали се сака да се развива туризмот и при тоа да се заработи или не. Градоначалникот со право, во повеќе наврати, посочи и посочува дека не треба да се издаваат дозволи за работа на ноќни клубови во стариот дел на градот. Ама нив ги издава Министерството за економија. Значи тука се создава проблемот. Локалната ја игра улогата на „гасител“ на настанатиот проблем.
OhridNews: Дали според вас Охрид сега личи на еден европски туристички центар кој може достоинствено да се претстави и пречека елитни, посериозни гости, кои од година во година ги има се помалку, а градот се полни со малолетни лица сместени во некој од 10-те илјади викенд станови?
Н. Јованоски: За елитен туризам под она што го разбираме ние од балканска перспектива, нема основ и услови, бидејки светската туристичка и џет-сет елита тоа го поврзува со морето. Охрид навистина го има македонското море, ама сепак е тоа Езеро. Соодветно на тоа е и структурата на гостите, а тоа што годинава има помалку гости се должи на светската криза, бидејќи нив секаде ги има во опаѓање-споредбено со претходните години.
OhridNews: СДСМ посакува и бара предвремени избори. Сметате ли дека може да дојде до такво нешто и дали во тој случај сте подготвени да му се спротиставите на ВМРО ДПМНЕ во Охрид и кои се вашите адути за победа над партијата која ги доби последните два избори за пратеници во 5 ИЕ?
Н. Јованоски: Секако дека веруваме во успех, особено во Охрид. ВМРО-ДПМНЕ не нуди ништо освен бесперспективност, очај и банкрот. Граѓаните ја прозреа „молерската“ политика на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е нашиот најголем аргумент, се разбира покрај сопствената реална и остварлива Програма и Платформа, за победа на изборите. Граѓаните не сакаат веќе да бидат без работа, лажени, газени, тепани и затворани поради создавањето имиџ на полициска држава каква што сака да направи ВМРО-ДПМНЕ од Македонија.