По завршување на крупните инфраструктирни проекти во Охрид ќе започне процес на реорганизација и рационализација на јавните претпријатија. Ова во предновогодишното интервју што OhridNews го реализира во соработка во „Мега продукција“, го најави градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески.

-Мое лично мислење, а за тоа почнавме да правиме и анализи, дека е преголем бројот на јавни претпријатија во Охрид и дека е потребно нивно фузирање со цел да се намалат трошоците. Според нашите анализи, еве прв пат јавно ќе обелоденам, би требало да имаме едно ново јавно претпријатие, а неколку други јавни претпријатија да се фузираат во постојните. – истакна Георгиески.

2020 година е изборна, но Градоначалникот е оптимист дека зацртаните проекти, кои се дел од програмите усвоени од советот, ќе се реализираат за општо добро, најавувајќи тендерски постапки и отпочнување на активности за значајни инфраструктурни проекти, како што е уредувањето на влезот на Охрид од страната на Битола, но и отпочнување на потребните процедури за „Абас Емин“, “Македонски Просветители“, „Прва Македонска ударна бригада“ и други улици.

Во интевјуто тој отворено говори за проблемот со УНЕСКО, процесот на уривање на дивоградбите и решавањето на статусот на плажите на охридското крајбрежје, рехабилитацијата на колекторскиот систем, проблемите во урбанизмот, но и за притисоците во работата, соработката со советот во кој се испреплетуваат разни интереси.

Георгиески се осврнува и на организацијата на дочекот на Нова година и претстојните празници кои ќе бидат збогатени со настап на позната регионална ѕвезда на 18 јануари, ден пред големиот празник Водици. Градоначалникот на охриѓани им посака добро здравје и успех во Новата година и упати апел повеќе да го сакаат својот град.

OhridNews