Проблемот поврзан со статусот на Охрид во УНЕСКО не е многу близок до граѓаните за кои УНЕСКО и заштитата на Охрид се’ уште се една апстрактна категорија и таквиот однос кон универзалните вредности препознаени од светот мора да се промени. Ова го изјави градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во интервју за OhridNews реализирано во новото студио на медиумот кој летово започнува со нов концепт на работа, со бројни новитети, онлајн емисии и креативни содржини кои следуваат во наредниот период.
Нашите луѓе, нашите охриѓани, мора да сфатат дека додадената вредност којашто ние ја имаме како едно од 38-те заштитени подрачја во светот како светско културно и природно наследство, доколку го немаме тој печат од УНЕСКО, како туристичка дестинација ќе сме само уште едно обично туристико место на мапата и никој нема да биде заинтригиран да дојде и да го посети прекрасниот Охрид и неговите убавини. – рече Георгиески.
Во наредните две години, дополнителен период што властите во Македонија и Албанија го добија од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, фокусот мора да биде ставен на решавање на сите горливи проблеми, продолжување со отстранување на сите дивоградби од крајбрежјето и националниот парк, решавање на проблемот со депонијата Буково, донесување на потребните планови и подобрување на заштитата, додаде Георгиески.
Во врска со инфраструктурните зафати во градот и забелешките дека истите бавно се одвиваат, Градоначалникот истакна дека реконструкцијата на улиците не е само завршниот асфалт.
Работите кои се изведуваат да се стигне до завршниот слој асфалт одземаат многу време. Има проблеми со нелегални приклучоци, немање подземен катастар, што придонесува за секојдневни проблеми при изведбата на градежните работи како кинење на цевки. Улицата „Абас Емин“ – проект вреден 40 милиони денари, чекан со години, ветуван со години, ќе биде готова за десеттина дена. На „Јане Сандански“ стариот цевковод изграден педесеттите години од минатиот век, е заменет со нов, поставени се нови секундарни цевководи и секое домаќинство од двете страни на улицата се приклучи на новата водоводна линија. Јас верувам дека ќе можеме да ја завршиме и ова улица до крај на август“. – најави Градоначалникот.
Георгиески процесот на раздолжување го смета за свој најголем успех и приоритет број еден за општината, која со децении е оптоварена од долгови. Тој е оптимист дека истиот успешно ќе биде заокружен, но стравува од зголемениот број извршни решенија за предмети од минатото на милионски суми кои пристигнуваат на адреса на Општина Охрид.
Во интерjвуто, Георгиески за прв пат во детали зборува за студијата за препрогласување на Охридското Езеро за споменик на природата која предвидува зонирање на природното богатство и строги правила на управување и заштита, вклучително и намалување на загадувањето од пловните објекти, и која ќе биде основа за изработка на план за изградба на марина во иднина.
Интервју со градоначалникот на Охрид Константин Георгиески
Г.Момироски
Фото и видео: А. Момироска/ К. Симиџиоски