Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за телевизијата Ал Џезира Балканс, истакна дека не постои друга алтернатива за земјата освен членство во ЕУ. Според него, Македонија, како и другите земји од Западен балкан не можат да имаат статус на соседи на ЕУ, затоа што и географски и секако припаѓаат на Европа.
Не постои подобра алтернатива. Алтернативи има колку сакате, опции колку сакате, меѓутоа поодржлива, поефикасна за нас на оваа локација географска на Балканот, со ваква хетерогена структура на популацијата, не постои. Тоа го покажуваат сите реални, објективни анализи. За што ставуваше збор? На маргините на таа дебата се спомнуваше дека ние сме дел од некакво соседство. Соседството во однос на Европската унија е друга категорија, сосема друг статус на држави. Соседи на Европската унија се централно-азиските држави, на пример или северно-африканските држави, тој појас. Ние не сме соседи, ние сме и структурно и географски, но и институционално дел од Европа. Дали ќе бидеме и членки и кога ќе бидеме зависи од исполнувањето на критериумите. Меѓутоа ние не сме соседи. Целиот Западен Балкан не е третиран како сосед на ЕУ, туку како дел од ЕУ, односно дел кој еден ден ќе биде дел и од институционална Европа. Или се спомнуваа фрази како, на пример, можеби со тие држави од Западен Балкан треба да направиме нешто, да воведеме специјални партнерства. Тоа повторно не е членство. Ние не можеме да се залажуваме со посебни партнерства или на пример, еден израз кој претпоставувам нашите граѓани не го ни имаат чуено освен експертите кои се бават со Европската унија, има една категорија на асоцирање со ЕУ, не членство, кое се нарекува европска економска зона. Постои години и години. Тоа е да бидете само дел и тоа парцијално од заедничкиот европски пазар, не и од политичките институции. Нам ни треба Европа заради вредности, не ни треба само заради пазарот. Јас постојано кога компарирам на луѓево кои сеуште се скептици во таа смисла, им велам причините заради кои Велика Британија ја напушта Унијата, сака да ја напушти Унијата се сосема различни од причините заради кои ние сакаме да бидеме внатре во Унијата. Нам ни требаат принципи по кои успешно се уредува едно општество, да ги усвоиме како наши за да просперираме. Со овие алтернативни форми на усојузување ние не можеме да просперираме. – рече во интервјуто Пендаровски.
Зборувајѓи за француското вето и забелешката за отсуство на реформи, Пендаровски истакна дека на земјата и се потребни суштински реформи, а не бирократско одработување на работата. Нам ни треба суштинска, вистинска трансформација на оштеството во сите клучни сегменти, администрација, судство, политички институции, политичка култура, политички партии, медиуми, тоа е битно, додаде Претседателот.
Што се однесува до предвремените избори тој истакна дека кој и да биде утре власт и да биде утре опозиција, добил уверување, од сите дека ќе продолжат да работат на наше интегрирање кон евро-атлантските институции.
Немам дилеми во таа смисла дека стратешката насока на државата ќе биде зачувана при какви било изборни резултати. И ако ме прашувате мене дали воопшто требаше да имаме избори во овој период, се разбира, тоа е работа на политичките лидери. Јас сум на почетокот на мојот мандат и не можам да зборувам за парламентарните избори, меѓутоа можеби логиката која доминираше на средбата е коректна, таа вели ова е голема пресвртница за државата. Никој не очекуваше ваков исход на европскиот Самит, реално. Можеби треба сите ние да побараме нов мандат од граѓаните и да се преиспитаме да видиме дали и во нивните очи ние сме биле добри, средни, лоши и од тој аспект евентуално да се случуваат некакви политички промени. Ако досега сме работеле добро, зборувам за владејачката коалиција на која јас до март, април бев дел практично во политичка смисла, тогаш се разбира, ќе добијат нови четири години.-рече Пендаровски.
Запрашан дали Макеедонија е изиграна и изневерена, бидејќи го промени името за да ги продолжи процесите на евроинтеграции, Пендаровски истакна дека целиот процес не е завршен. Додаде дека и нему му пречи Северна во името, но не треба да се заборави, рече тој, дека тоа ни ги отвори вратите во НАТО, што на земјата и гарантира безбедност и стабилност.
Ми пречи, како и претпоставувам на сите македонски граѓани во земјата и ден денеска не можам да се навикнам, но можеби со тек на време ќе биде. Знаете што, јас влегов во политиката пред многу години не само на оваа функција со сознанието дека мора да се биде закачен или атачиран на реалниот амбиент во кој сте, значи емоциите ќе ги оставите за по дома, овде посебно на оваа позиција мора да водите сметка за иднината на државата, ако не губиме ништо од идентитетскиот комплекс, а не губиме ништо тоа е гарантирано со Преспанскиот договор. А ако и притоа добиваме членство на вакви алијанси кои гарантираат просперитет и иднина на земјата тогаш ќе сфатите тека тоа е нужно. Што мислите како се чувствувале во раководството 95-та година или 93-та кога влеговме во Обединетите Нации со Поранешна Југословенска Република Македонија па никогаш не мене на никого не му прирасна за срце, затоа и не го изговараше,значи едноставно тоа се компромиси во политиката, жртвувате нешто за да добивате нешто повредно. Што е жртвувањето, ги сменивме таблите по институции меѓутоа јас, Вие и сите и понатаму остануваме Македонци кои зборуваат македонски јазик, имаме кодови кои се МК, МКД и така натаму, значи во тој дел не губиме. – истакна Пендаровски.
Во врска со аферата „Рекет“ претседателот со став дека најголемата безбедносна закана за иднината на земјата е високата корупција.
Значи, корупцијата која ја прават функционерите на власт и највисоките функционери ако тие не даваат спротивен пример за коруптивното однесување што можете да очекувате од обичните граѓани освен да копираат. Ќе речат ако претседателот можел да краде, ако премиерот можел да краде ако министерот можел да краде па тоа не санкционира или ќе одиш двапати на суд па после ќе одиш на суд и ќе купиш некој судија и обвинител зашто и јас тоа да не го правам. Јас мислам дека е во делот на подигање на свеста меѓутоа и на капацитетите на институциите кои треба да се борат со тоа зло. – посочи Пендаровски во интервјуто за телевезијата Ал Џезеира Балканс.
OhridNews