Ерата на компјутеризацијата си го направи своето. Компјутерите, односно интернетот станува се помасовната форма на комуникација и најголем извор од каде што се црпат  информации. Ова го покажува и анкетата на нашиот електронски весник. На прашањето кој извор на информации најмногу го користите, 1271 посетители или 56 проценти одговорија дека како извор најмногу го користат интернетот.

Телевизијата како главен извор на информации се изјасниле дека ја користат 233 читатели или 10%. Од вкупно анкетираните, 38 се изјаснија дека следат радио и на тој начин добиваат информации, 44 одговорија дека читаат весници, а 41 дека не користат медиумски информации.  662 посетители или 29 проценти одговорија дека  ги користат комбинирано сите извори.

Младата попуација што ја контактиравме деновиве, едногасно се изјасни дека со интерентот светот е на дланка. Сепак, дел од родителите се загрижени од интернет-манијата кај нивните деца и велат дека на овој начин младите се развиваат неправилно.

„Моето дете седи 10 часа дневно пред компјутер. Одличен ученик е и јас се гордеам со него, но сепак, не можам да се помирам со фактот дека тоа време што го седи пред компјутерот може да го помине во спорт или рекреација“, вели мајката на 17-годишниот Стефан.

„Се сложувам дека интернетот е наша сегашност и реалност, но не смееме да замижиме и да ги оставиме нашите деца се повеќе да се оттргнуваат од здравите навики на живот“, вели таткото на Кристина, студентка на Факултетот за туризам и организациони науки.
За да биде иронијата поголема, најмалите „интернетомани“, кои впиваат се, ги копираат своите родители и воопшто не им претставува тешкотија да управуваат  со оптичкото глувче и татстатурата.

„ Компјутерот најчесто го користам за да се информирам за некој резултат од спортот и за игри. Мојата ќерка ги запаметила постапките што ги практикувам, и сега, сама ги отвара и ги игра игрите“, вели таткото на четиригодишната Сара.

За сметка на тоа што интернетот е се повеќе  домашна забава или потреба, интернет-кафеата не се тоа што беа некогаш.

Сопственик на интернет-кафе во охридската чаршија потврдува дека порано неговиот објект бил преполн , па дури с ечекало и место пред компјутер. „Сега, вели тој, посетеноста е многу помаа, а тоа се должи на  домашниот интернет“.

Интернетот денеска е достапен буквало секаде. Речиси и да нема подобар хотел или кафуле кои немаат интернет. Бежична конекција има и на охридските плажи. Ерата на компутеризација во Македонија доаѓа забрзано. Македонецот можеби нема стандард, но сурфа се повеќе, а интернетот станува негов главен извор на информации.

Александра Ристоска
Горан Момироски