Од градежните фирми потврдуваат дека постои експанзија на новоизградени објекти во градов, но коментираат дека од тоа не може да се извлече заклучок дека станува збор за некаков подем на градежната индустрија. За жал, велат тие, последните десеттина години во Охрид градат две до три градежни компании, останатите едвај егзистираат.
Притоа, многу е мал бројот на охриѓани кои се заинтересирани за купување на новоизградените станови. Над 90% од купувачите се луѓе од внатрешноста на земјава, велат од Агенциите за посредување со недвижности. Од таму додаваат дека големиот интерес за купување придонел во последните неколку години, и покрај економската криза, да не дојде до пад на цените на становите кои се продаваат.
Во централно градско подрачје цените на новоизградените станови се движат од 1. 150 до 1. 300 евра за метар квадратен. Додека пак, половните станови во центарот од Охрид се продаваат по цена од 850- 1000 евра, зависно од катноста , на која страна се наоѓаат, како и нивната состојбата. Споредено со останатите градови во земјава овие цени се многу повисоки, но тоа е и очекувано, коментираат од Агенциите за недвижнини, со оглед на тоа што станува збор за познато туристичко место.
Највисока продажна цена се очекува да достигнат апартманите кои ќе се градат на местото на хотел Парк. Неофицијално, цената за метар квадратен ќе се движи од две до три илјади евра.