Интеракција претставува појава кога еден лек или друга хемиска супстанција (храна, додаток во храна, алкохол или тутун) во организмот го менуваат дејството на друг лек. Кога се зборува за интеракција на храната со лековите, најчесто се мисли на влијанието на храната врз терапевтското дејство на лекот. Во зависност од храната што ја земаме, апсорпцијата на лекот во организмот може да биде забавена или забрзана. Во продолжение неколку корисни информации на оваа тема од фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“.
Кои се најчести интеракции лек-храна?
Антибиотиците не треба да се земаат со млеко и млечни производи затоа што доаѓа до забавена апсорпција на лекот во организмот и намалено терапевтско дејство на антибиотикот.
Листестиот зеленчук (кељ, зелка, брокула, спанаќ, грашoк) може да ги намали ефектите на антикоагулансите, лекови што се користат за разредување на крвта. Овие хранливи производи содржат витамин К, кој помага во згрутчувањето на крвта. Од друга страна, ацетилсалицилната киселина (аспирин) можe да го зголеми ефектот на антикоагулансите и да настане крварење.
Доколку имате зголемен холестерол (земате статини), антихипертензивни лекови (лекови за зголемен крвен притисок) и некои антибиотици (еритромицин) не се препорачува внес на сок од цитрон, бидејќи неговите состојки влијаат врз метаболизмот на лековите, со што нивната концентрација во организмот се зголемува и може да дојде до предозирање со лекот.
Зголемената употреба на диуретици може да резултира со губење на електролити, а најмногу на калиум. Ова може да ги доведе пациентите со срцеви проблеми во поголема опасност и промени во срцевиот ритам. Луѓе што редовно земаат диуретици треба да конзумираат храна што содржи голема количина на калиум (домати, банани, компири итн.).
Алкохолот може да го намали метаболизмот на лековите во организмот и како резултат на тоа, лековите можат да останат активни во организмот подолго од тоа што е предвидено. При користење антихистаминци, аналгетици, антидепресиви и лекови што содржат кодеин не треба да се зема алкохол затоа што може да дојде до поспаност, збунетост, ослабени рефлекси и други несакани ефекти.
Текстот е објавен во летното издание на магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм