Екипата на Интер го прекина четиригодишниот пост без победа во пресметките со Јувентус во Серија А, откако во дербито на „Џузепе Меаца“ со 2-0 (1-0) го совладаа актуелниот шампион во „калчото“.
„Нероазурите“ со триумфот во дербито го положија шампионскиот испит и покажаа карактер и квалитет за титула.
Избраниците на Антонио Конте беа поконкретни во однос на Јувентус, кој одигра дерби за заборав. Домаќините надмоќноста на теренот ја капитализираа во 12-та минута, кога Артуро Видал со глава ја погоди мрежата на голманот Шчезни.
Водечкиот погодок им даде крилија на домашните фудбалери, кои креираа уште неколку прилики. Лаутаро Мартинез и Ромелу Лукаку затаија во реализацијата и не донесоа поголема предност на Интер до крајот на првиот дел. После само седум минути игра во второто полувреме, Интер го дуплираше водството. Стрелец на погодокот после добро организиран контра напад беше Николо Барела.
Јувентус не се созеде од новиот шок и не успеа да го загрози голот на Самир Хандановиќ, кој имаше неколку сигурни интервенции.
Со трите бодови од дербито, Интер се изедначи со Милан на првото место од табелата. „Росонерите“ мечот од 18-та рунда ќе го одиграа утре (понеделник) на гостински терен кај Каљари.
OhridNews