Фестивалот започнува денеска во 17 часот и ќе се одвива на повеќе локации од градот.
На плоштадот кај поранешната библиотека ќе биде сместен средновековниот базар каде што ќе се изработуваат и продаваат разни средновековни предмети. Во рамките на манифестацијата ќе се организираат и средновековни спортски и боречки активности, а ќе се презентираат и средновековните традиционални вредности на јунаштвото и витештвото. Историскиот спектакл ќе биде збогатен и со промоција на традиционалните вкусови и гастрономските вредности на Охрид во средниот век, а како што најавуваат организаторите, во оваа активност ќе бидат вклучени и неколку елитни охридски ресторани. Се предвидува, посетителите да вкусат специјално подготвено вино за оваа намена.
Дел од учесниците ќе бидат од странство. Во рамките на фестивалот е предвидена и награда за животно дело. Добитникот ќе биде прогласен на почетокот од фестивалот, а наградата ќе му биде врачена на завршницата, на Денот на независноста на Македонија.