Од 6 до 11 јули традиционално, на отворената сцена на Долни Сарај ќе се одржи Балканскиот фестивал на народни песни и ора.

Годинава ќе учествуваат ансамбли од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Турција, Чешка, Италија, Австралија како и атрактивен фолклорен ансамбл од Нигерија и  Брегот на Слоновата коска. Покровител на фестивалот е Собранието на Република Македонија, а програмата во целост е финансирана од Министерството за култура.

Инаку, Балканскиот фестивал на народни песни и игри, како Меѓународна фолклорна манифестација, е основана 1962 година. Првобитното име на фестивалот е ” Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора”. Свеченото отворање, за прв пат, се одржало на 20 јули 1962 година на градскиот плоштад. Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.


Над дваесеттина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на асоцијациите на УНЕСЦО : ЦИОФФ ( Интернационален совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност ) и ИОФА ( Меѓународна организација за фолкорна уметност).

Ohridnews