Политичката партија Интегра, денеска во Охрид ја промовираше својата канцеларија која се наоѓа на улицата „Димитар Влахов“, од каде овој нов политички субјект ќе делува за време на кампањата за предвремените парламентарни избори на кои учествува за прв пат.

Формирањето на Интегра беше со примарна цел Економија, да се спроведат коренити реформи за конечно да тргне, вели охриѓанецот Јованчо Спироски, електро инженер, успешен иноватор и кандидат за пратеник од Интегра во 5 Изборна единица. Тој смета дека на граѓаните на Македонија се уште им се нудат исти програми, политички памфлети, каде што како економски всушност се нудат празни социјалистички ветувања.

Зголемување на плати, пензии, субвенции, бесплатни работи, Дедо Мраз да позавиди.Меѓутоа, после избори, овие социјалистички ветувања во реалноста, веднаш се соочуваат со предизвикот, од каде пари? И тоа практично се преведува во зголемување на даноците, акцизите и бројните други државни давачки, и секако зголемување на долгот. Притоа, едни иако намалуваат некои од даноците, тоа го компензираат со воведување дополнителни регулативи, и парите се влечат од таму преку разни други наплати, помеѓу кои се и казните. А други одат директно на зголемување на даноците, акцизите и други давачки. И сето тоа собрано делува дефлационо (го намалува) економскиот раст. – посочува Спироски.

Според Спироски концептот на македонската економија е погрешен, затоа што постојано се води сметка само за приходната страна, а воопшто не се зборува како да се намали трошењето на политичарите и партизирана администрација. Тој предупредува дека сегашните економски политики во земјата се неодржливи, затоа што претстојат тектонски пореметувања во светската економија што ќе предизвикаат потешкотии во сервисирањето на долговите на државата кои постојано растат со нереалното зголемување на буџетот и големото кредитно задолжување.

Наредниот бран од кризата веројатно би бил некаде во средината на септември. Централните банки упорно уфрлуваат рекордно високи суми (трилиони долари, евра, јени), (фактички тоа не се нови пари, бидејќи најголем дел се swaps), и никако да успеат да ја поттикнат инфлацијата. И инфлацијата ќе дојде, но не таа што централните банки ја посакуваат. Преведено, тоа значи каматите ќе одат нагоре, и ќе биде се потешко да се сервисира долгот. –  посочува Јованчо Спироски.

За да се променат работите во државата потребни се коренити економско/финансиски реформи, со кои што политичарите не би го имале статус на полубогови како до сега, вели Спироски.

Да се намалува, и делумно одзема можноста на политичарите да ги земаат парите од работните луѓе. Нели во име на државата, во име на некаква си еднаквост, солидарност, фер, и други стандардни марксистички пропагандни лаги. А ставени на тест во реалноста, јасно излегува на виделина марксистичкото мото, твоите пари се и мои, а моите се само мои. Сега скоро, за соочување со последиците од вирусот, предложената мерка за намалување на платите во партизираната администрација беше дочекана на нож. И тоа баш од марксистите, кои што нели прокламативно се грижат за работните луѓе. А кој тоа го полни буџетот од кој што марксистите земаат плати, па работните луѓе, дел од кои што со затворање на економијата останаа дури и без работа. – прашува Спироски.

Концептот на Интегра е поголем дел од парите изворно да остане кај тие што ги заработуваат, преку намалување на даноците, акцизите, царините, и други државни давачки од една страна. А од друга страна, да се намали трошењето на политичарите и партиите, односно буџетот, појаснува Спироски.

Интегра има поинаква визија за развој на Охридско – струшкиот регион вели неговата колешка Дивна Јанкова, психолог, мегистар за Менаџмент за човечки ресурси, и кандидат за пратеник во 5 ИЕ.

Стратегија на Интегра е регионот да има поврзаност со брза железница и модерно сообраќајно поврзување со  магнетни трамваи на локално ниво.  Ќе посветиме особено внимание на развој на туризмот и градење на модерни хотелски комплекси покрај Охридско и Преспанско Езеро. Хотелско –угостителската дејност ќе добие приоритет, развој на етно села, манастирски туризам, алтернативните спортови кои бараат соодветни природни услови, како параглјдерство, риболовен туризам. Заштита на археолошките локалитети и богатите наоѓалишта на артефакти и историските знаменитости кои се многубројни од древни времиња во Охридско-струшкиот регион ќе бидат предмет на интензивна владина посветеност. Планирани се и слободни зони за старски центри на површини со надморска височина од над 600 метри кои ќе ги привлекуваат не само македонски пензионери ширум светот, туку и наши домашни возрани, но и странски корисници на услугите во оваа сфера. – вели Јанкова.

Како претседател на организацијата на жени на Интегра Јанкова најавува дека ќе се залага за таргетирано привилегирана позиција на жената во општеството, за посебен статус за време на бременоста како и за низа поволности во пост-породилниот период, за време на одгледувањето на потомството во првите две години од животот, но и за отворени врати за остварување на своите амбиции и развој на личниот потенцијал во сите сфери на општественото живеење.

Според Јанкова приоритет во државата треба да биде здравјето на луѓето и општество изградено на здрави основии. Држава на психолошки здрави граѓани, нефрустрирани и не уценети од системот со професионална администрација, појаснува Јанкова

Со битните сегменти врз кои почива државата да управуваат доблесни и искусни професионалци. Но, во нивниот крвен запис, како што милува да каже нашиот претседател на партијата, да е врежана љубовта кон татковината. Оттаму е и нашата заложба за ревидирање на некои договори кои цениме дека се предавнички и не ја заштитуваат ниту државата ниту родот македонски. А ниту другите граѓаните кои се од други етникуми. Само привидна рамноправност е таа “рамноправност”, кога мнозинството се чувствува како заложник на нечии партиски, малцински, националистички, хегемонистички и секакви интереси. Сплотеност на нацијата а не раздор за создавање услови за развој во сите подрачја. – рече Јанкова.

Во поглед на актуелната здравствена ситуација,  Јанкова вели дека таа покажува колку земјата очајно има потреба од таканаречена трета опција.

Верувам дека сепак ќе се покрене народот и со запазување на неопходните мерки на заштита ќе ја преземе и оваа одговорност како аманет кој го имаме од нашите претци кои се бореа Македонецот да биде свој на своето во Македонија. Ќе излезе масовно да го оствари своето право за да не жалиме дека сме ја испуштиле можноста да влијаеме на својата судбина и иднината на нашите деца затоа што овие избори се такви. – рече Јанкова.

Јанкова не очекува коректна кампања која во најголем дел се води преку медиумите и на социјалните мрежи. Таа изрази надеж дека сепак граѓаните ќе ја препознаат новата понуда и ќе ја поддржат Интегра на претстојните избори, како партијата која има поинаква понуда од стандардната и веќе видена политика кај нас.

Г.М.