Новинарите деновиве се соочени со некоректен однос на релевантните иснтитуции одговорни на овој или оној начин за следење на состојбата со покачениот водостој. Откако со серија прилози го свртеа внимението на надлежните во градот и државата за сериозната состојба на Охридското Езеро некои институции ги затворија телефоните, а други информациите ги пласираа селективно.

Во изминатите два дена надлежните институции на државно ниво лиферуваа различни информации за нивото на Охридското Езеро. Дури почувствуваа за потребно на јавноста да и објаснат зошто различни институции различно го мереле нивото на езерото. Одговорот бил во методологијата на пресметка, едни заокружувале подолу, други погоре. Но каква ли само математика употребија од завчера до вчера кога најпрвин беше констатирано дека нивото на Охридското Езеро е непроменето, за наеднаш да се зголеми за 3-4 сантиметри и да биде 20 сантиметри над максималната кота. Колку вода се испушта од Дримот?

Се затворија и службениците од надлежните институции. Наместо информации од јавен интерес на новинарите им кажуваа дека не се надлежни да дадат изјава, упатувајќи ги на друга адреса, оттаму назад и така се во круг.

Локалната самоуправа пак се реши за еден поинаков начин на комуникација. Интернационален. Така македонската јавност беше запознаена со ставовите на општината преку новинска агенција од соседството. Информацијата експресно беше пренесена од домашните национални агенции со седиште во Скопје, а ексклузивно беше потврдена и на една од националните телевизии.

Пред две вечери во Охрид дојде и премиерот, но на политичка трибина. Го посети и Пештани, но после полноќ, без медиумите, со исклучок на еден. Локалната пак за да одржи кондиција уште неразденето со смс пораки закажа прес конференција, во 7 за во 9, се разбира да ги соопшти своите ставови. После тоа немаше изјави за “заспаните“ новинари, како и за колегите кои согласно своите однапред зацртани работни задачи беа на терен. Принципи биле во прашање.

И во целото ова “шетање“ на новинарите, надлежните не заборавија на сопствениот рејтинг па не пропуштија со зајадливи, провокативни, па и навредливи изјави да ги нападнат политичките ривали. И сето тоа пред камерите и микрофоните на новинарите, но и пред очите на граѓаните од погодените со поплави подрачја кои очајно бараат помош. Кога одговорните ги нема и нема кој да ги чуе нивните маки тука се пак новинарите, оние истите кои институциите ги шетаат за информации префрлајќи си ја одговорноста едни на други. Се разбира суптилно.

Горан Момироски