Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, кој е матица на историското образование и наука во македонската држава од нејзиното основање до денес и чии кадри претставуваат потпора и темел на сите нивоа и сегменти на македонското образование, смета дека  новиот концепт на МОН кој предвидува спојување на предметот Историја со други општествени науки, е неприфатлив.

Таканаречениот „Концепт“ што го нуди МОН е донесен на целосно нетранспарентен начин, без консултација ниту со Институтот или други високошколски установи, ниту со научната и професионалната јавност. Институтот цени дека е скандалозно да се влечат вакви сериозни потези без воопшто и да се информира – а не пак да се побара совет од струката, од која утреден ќе се бара планираното да го спроведе во дело, во училишните клупи, забалежува Институтот за историја. Идејните творци на концептот не само што немаат компетенции да го реформираат начинот на кој една научна дисциплина се доближува до учениците, туку покажуваат и елементарно непознавање на материјата која мислат дека ја реформираат. Вакви дилетантски потези, како и сите досегашни, се однапред осудени на пропаст. – се вели во реакцијата.

Предложениот концепт на МОН предвидува интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор, посочува Институтот за историја.

Во еден ваков несреќен момент, секое продолжување на замислената интеграција може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци. – реагира Институтот за историја.

Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, како што се вели во соопштението за јавноста, решително го отфрла понудениот концепт и бара од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.

OhridNews