Со организирање на Конференцијата „Современи безбедносни парадигми и предизвици: теорија и пракса“ што започна денеска во Охрид, Институтот за безбедност, одбрана и мир кој функционира во рамките на Филозофскиот факултет од Скопје одбележува 40 години од своето формирање.
Станува збор за Институт кој во континуитет продуцира кадри во областа на одбраната, мирот и безбедноста почнувајќи од 1975 година.
-Ова е голем настан на институтот кој во својот 40 годишен развој во континуитет произведува кадри во областа на одбраната, мирот и безбедноста. Тоа значи дека целокупната општествена стварност и општествена релевација од аспект на одбраната мирот и безбедноста се врзуваат токму со активностите на институтот. Морам да потенцирам дека на наше задоволство на програмскиот одбор во рамките на оваа Меѓународна конференција имаме повеќе од 120 учесници од кои 30 се од странски држави, рече професор Оливер Бакрески, раководител на Институтот за безбедност, одбрана и мир.
Тој истакна дека целокупната преокупација на наставничкиот кадар на институтот се врзува токму во насока да произведе што е можно подобар и поквалитетен кадар.
Професорот Трајан Гоцески рече дека овој значаен јубилеј има големо историско значење и за Република Македонија
-Периодот од 1975-та година до формирањето на Република Македонија како самостојна, независна и суверена држава до 1991-та година институтот беше единствена институција која што формираше кадри со високо образование, кои во основа учествуваа во креирањето на одбранбениот ситем на Република Македонија, но во услови кога таа не беше самостојна држава. Значи единствена база каде што можеше да се создава автономна научна мисла по прашањето на одбрана, додека Македонија беше во рамки на Југославија беше овој институт. Од 1995 година со нашиот институт и Воената академија може да се каже дека Македонија како држава го заокружи своето формално образование за создавање на кадри за одбраната и безбедноста, појасни Гоцески.
Тој истакна дека Македонија во моментот има две врвни високообразовни институции, во едната се формираат кадрите за воената одбрана, а во другата институција се формираат кадри за академскиот дел кој е задолжен за самата политика, стратегите, концептите на одбраната.
OhridNews