Во идниот пратенички состав коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ би освоила 58 пратенички места, коалицијата од СДСМ 30, ДУИ 15, ДПА 7, НД 3, НДП 4 и другите помали партии 3 пратеници.

Ова го покажуваат  резултатите од симулацијата на пратенички места според Донтовиот изборен модел за секоја изборна единица посебно, направена од Институтот Павел Шатев.

Станува збор за телефонска анкета што ја спровеле во периодот меѓу 6 и 7 мај на репрезентативен примерок од 6.000 испитаници на целата територија на државата со цел да се измери рејтингот на политичките партии, на која граѓаните одговарале на прашањето за чија кандидатска листа би гласале на вонредните парламентарни избори.

Според Институтот, коалицијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со своите носители на избирачки листи и кандидати за пратеници во изборните единици, ќе има доминантно мнозинство во идниот парламент со вкупно 58 пратенички мандати и ќе може да формираат стабилна Влада чиј мандатор, повторно ќе биде актуелниот премиер Никола Груевски.
Партиите за кои традиционално гласаат етничките Албанци би добиле вкупно 29 места во новиот парламент, додека помалите партии би добиле три пратенички места.

Со оглед дека на овие парламентарни избори прв пат гласа и македонската дијаспора, која како што наведуваат од „Павел шатев“ традиционално е наклонета кон десницата, се очекува и два или три мандати од изборните единици 7,8, и 9 да и припаднат на ВМРО-ДПМНЕ, и со тоа оваа партија повторно да има 60 пратеници во идниот парламентарен состав.

Истражувањето како што се посочува од Институтот „Павел Шатев“, е спроведено пропорционално во сите шест изборни единици со 1.000 испитаници за секоја, со вклучување и на другите стандардни демографски карактеристики на населението како пол, возраст, образование и етничка припадност.

OhridNews
извор: Makfaks