Инспекциски тим на НАТО допатува во Охрид каде заедно со координативниот тим во Македонија ќе ја направи последната проверка пред почетокот на Безбедносниот форум на ЕАПС, што ќе се одржи на 28 и 29 јуни.
Според раководителот на координативниот тим во Македонија, министерот без ресор, Аднан Ќахил, се` е подготвено за успешна организација на НАТО форумот. Тој напомена дека работите во одредени делови од Охрид ќе продолжат и наредните денови, но како што рече Макдонија е подготвена да го организира НАТО форумот на највисоко ниво.
Како што најави Ќахил, на безбедносниот форум учество ќе земат околу 600 делегати и гости, а настанот ќе го проследат и околу 200 акредитирани новинари од земјава и странство.
Покрај генералниот секретар на алијансата Јаап де Хоп Шефер, во Охрид ќе допатуваат и над 20 министри, а најбројна ќе биде американска делегација која ќе биде предводена од помошник државниот секретар Николас Барнс.
Крстевски и Ќахил (од лево) ветија одлична организација
Поголемиот дел од делегациите ќе слетаат на охридскиот аеродром каде денеска свечено беше пуштен во употреба ВИП салон, кој во иднина ќе биде бизнис салон. Покрај ова на помош од Скопје доаѓаат дополнителен персонал и опрема, истакна директорот на ЈП Аеродромски услуги, Зоран Крстевски. Тој рече дека аеродромот во Охрид е безбеден и технички опремен да ги прифати педесетината авиони со кои ќе пристигнуваат делегациите, учесници на Безбедносниот форум.
Горан Момироски
фото: С. Костоски