Државните и локалните инспектори за животна средина немаат ингеренции според Законот за јавна чистота, вели Дарко Блинков, државен инспектор за животна средина, во демантот на јавно изнесените забелешки на ЈП„Охридски комуналец“ дека надлежните инспекциски органи не си ја вршат ефикасно должноста.

Блинков посочува дека носител на Законот за јавна чистота (Сл. Весник на РМ бр. 111/2008) е Министерството за транспорт и врски, а не Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Точно е дека генерално сите закони се сврзани на некаков начин со животната средина и здравјето, но за жал надзорот и спроведувањето на овој закон не го вршат државните инспектори за животна средина и овластените инспектори за животна средина на локално ниво, туку овластениот Комунален инспектор од општината, а во случај кога нема назначено вакво лице, надзорот го врши Државниот комунален инспектор, но на товар на општината. Полицијата исто така е вклучена во спроведуването на овој закон, вели Блинков.

Во иднина, вели Блинков, „Охридски Комуналец“ пред да објави информации би било добро преку својата правна служба да се информира за законодавството и за тоа кој што спроведува, а секако е добро да ја подобри организацијата на својата работа во насока на подобрувањето на менаџирањето со комуналниот смет, а посебно менаџирањето со т.н депонија „Буково“. „Истата да не биде опожарена, да биде оградена, да има уредно поставени табли со работно време, да обезбеди стручно лице кое ќе ја води истата, т.е управител со депонија, да добие дозвола согласнозаконодавството да врши трговија со комунален отпад од МЖСПП, да обезбеди светло,извори со вода на т.н депонија, дежурна слузба итн“, стои во реакцијата на државниот инспектор за животна средина Дарко Блинков.

Ohridnews