Инспекциските служби денеска ја продолжија потрагата по предизвикувачот на еколошкиот инцидент од пред два дена кога во Охридското Езеро се излеа поголема количина нафта.

– Сторителот се уште не е откриен. Проверени се околу 1000 шахти од атмосферската канализација каде било истурено горивото, но засега нема конкретна трага која би не одвела до сторителот на овој крајно несовесен чин.-изјави за OhridNews, Танас Танасоки, началник на Комуналната инспекција при Општина Охрид.

Танасоски информира дека траги од нафта единствено се пронајдени во двете шахти на кејот од кеде таа се излеала во езерото и се стравува дека можеби горивото измешано со вода е истурено директно во шахтите и дека ќе биде тешко да се открие сторителот кој умешно ги сокрил трагите.

Општинскиот комунален инспекторат и Државниот инспектор за животна средина вчера поднесоа кривична пријава против непознат сторител  за загадување на Охридското Езеро, а се проверуваат и сите поголеми комерцијални објекти, со цел да се открие загадувачот.

Според експертите од Хидробиолошкиот институт, нафтата која поради се уште неутврдени причини се излеа во Охридското Езеро, не предизвика поголема штета на животната средина. Оттаму се надеваат дека нафтата  нема да го наруши опстанокот на растенијата и животните кои егзистираат во овој дел од езерото, затоа што  излеаното гориво не било во многу голема количина.

Од општинскиот Комунален инспекторат велат дека за да се утврди за какво загадување се работи ќе мора да се почекаат резултатите од испитувањето на примероците од вода, кои се земени од овој  дел од езерото.

Г.М.