Oвластен инспектор за животна средина и инспектор по ветерина попладнево излегоа на терен кај каналот Студенчишта, каде поради недостиг на кислород на десетици тони плашица им се заканува угинување.

Причина за ваквата состојба е голема популација на плашица на мал простор, недостаток на кислород во водата поради намаленото ниво на езерото и наглата промена на времето. – ни истакнаа инспекторите во неформален разговор.

Според инспекторите угината е помала количина плашица, но во опасност е целата популација во каналот поради неповолните хидролошки услови.

Со цел да и се помогне на плашицата која е заробена во каналот Студенчишта, каде влегува да презими, екипи на ЈП Водовод монтираат пумпи за дотур на вода.

Колку преземените мерки ќе помогнат плашицата да се спаси од угинување, останува да се види. Неофицијално во иднина се размислува да се изврши прокопување, однонсо продлабочување на каналот за да се спречат вакви појави.

Г.М.

Еколошка катастрофа во каналот Студенчишта, беспомошно умираат тони плашица