Државниот инспекторат за труд соопшти дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.
Се известуваат сите работодавачи дека од 01.01.2022 година влегуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за работните односи (Сл. Весник на РСМ бр.288/2021) со кои во член 134 став 2 е регулирано дека, „ден на неделен одмор е недела“, потсетуваат од Инспекторатот.
Работниците кај работодавачите од трговија на големо и мало, денот на неделен одмор го користат во согласност со Законот за изменување и допoлнување на Законот за трговија.
Пред започнување на вршење на работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец- Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб страницата на Државниот инспекторат за труд, додаваат.
Со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспоставува дежурства во недела по региони.
Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд, се наведува во соопштението од Инспекторатот.
Пријавувањето може да го направат на неколку начини, на веб страницата на ДИТ (https://dit.gov.mk/ ) анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, преку кол центарот повикувајќи го бројот 15131 од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.
OhridNews