Во периодот од 23 – 17 март, шест инспекциски служби извршиле 7633 надзори на територијата на целата држава, во врска со почитувањето на владините мерки за заштита од коронавирусот Ковид 19, соопшти денеска на прес конференција Магдалена Филиповска Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет.

Државниот пазарен инспекторат има извршено 5155 надзори, притоа во текот на минатата недела затворени се 22 објекти во Скопје, Куманово, Гостивар и Тетово. Овој инспекторат ги контролира и замрзнатите цени, при што беа направени 928 надзори а кај шеесеттина трговци утврдено е покачување на цената, претежно на лимоните. Постапено е, и сите овие трговци ги вратија цените утрврдени на 11 март. Исто така забележани се многу нереални пријави во врска со цените и затоа апелираме до граѓаните да пријавуваат само кога има реални непочитувања на владините мерки. – рече Филиповска Грашкоска.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во овој период има извршено 246 надзори. Дополнитено во текот на минатата недела овој инспекторат има издадено 2774 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила во земјата, неопходни за снабдување на државата со потребните стоки, при што се почитува протоколот пропишан од државата за заштита од Ковид 19, рече Филиповска Грашкоска.

Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, минатата недела извршила 367 надзори и притоа се изречени 19 мерки поради неспроведени обуки за основни знаења од областа на храна од овластени институции. Исто така констатирана е работа на вработени без санитарна книшка, а издадени се четири решенија за маркети и месарници за лоша општа хигиенска состојба во објектите, при што веднаш е издадена наредба за итна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Што се однесува до Државниот инспекторат за транспорт, тој спровел 183 инспекциски надзори при што било констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е намален за 90%. Забележано е прекршување кај еден автопревозник кој не ги почитувал мерките за преполовување на бројот на патници и протв него се преземени соодветни мерки.

Од страна на Агенцијата за лекови во овој период се извршени 36 надзори, при што било констатирано дека нема специфични прекршувања, се одржува ред во аптеките, а цените се во согласост со препораките.

Државниот инспекторат за труд од 23 до 27 март извршил 748 контроли при што биле донесени 14 решенија и 8 укажувања за непочитување на мерките за заштита од Ковид 19.

Инспекциските служби продолжуваат интензивно да работат на терен, искористувајќи ги максимално своите капацитети. Уште еднаш порачуваме дека секој кој што нема да ги почитува мерките на владата, ќе биде санкциониран Станува збор за мерки коишто се донесени за доброто на сите нас, за заштита на јавното здравје, за заштита на граѓанте и затоа мора да се почитуваат. Повикувам на одговорност на секое правно лице и на секој поединец, затоа што од нас зависи. – истакна  Магдалена Филиповска Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет.

Г.М.