Пропусти при пристапноста на гласачките места и гласањето за лицата со попреченост, непочитување на протоколите за заштита од КОВИД-19. Ова се прелиминарните наоди од гласањето, велат од Здружението „Инклузива“ кое ги набљудуваше парламентарните избори со 70 лица со попреченост на 210 избирачки места.

Според набљудувањето, главен проблем останува пристапноста на гласачките места и користењето на алатките за гласање на лица со попреченост. Набљудувачите известуваат дека 20 од посетените избирачки места не се воопшто физички пристапни (нема рампи или лифтови, има скали или бариери). Параваните за гласање на лица со попреченост не се поставени на соодветно место на 22 избирачки места, односно се ставени покрај ѕид, блокирани или воопшто не се поставени.

Шаблони со Брајово писмо и граничници за гласањето на слепите и слабовидните лица не се користени на 31 место. На едно место е забележано како придружникот гласа за слепото лице без присуство на самото лице зад параванот. На 10 гласачки места не се поставени графички прикази за процесот на гласање. Четири набљудувачи се соочија со проблем при вршење на набљудувањето и комуникацијата со избирачките одбори, а на едно гласачко место набљудувач – лице со попреченост е навредено од страна на Избирачки одбор. –  соопшти „Инклузива“.

Од „Инклузива“ информираа и дека се забележани нерегуларности во поглед на непочитување на мерките за заштита од КОВИД-19.

Неносење или неправилно користење на заштитни маски и ракавици од страна на избирачки одбори на 15 гласачки места, неодржување на физичко растојание на 21 гласачко место, непроветрување на просторот и повеќе лица од дозволениот број на 3 гласачки места. – истакнаа од Здружението.

Ова е досега набројната набљудувачка мисија на лица со попреченост во земјата. Преку својот мониторинг набљудувачите следат дали се остварува правото на глас и ја покреваат свеста за еднаквиот пристап кон гласањето кој сѐ уште не е можен за секој граѓанин. истакнаа од Здружението „Инклузива“.

OhridNews