Иницијативата за отворање на ваков клуб во Охрид ја отпочна Младински Совет Охрид, во рамки на проектот “Заеднички визии”. На состанокот кој ќе се одржи во просториите на Општина Охрид, покрај претставници на МСО ќе присуствуваат и претставници на Охридската локална самоуправа и претставници на трите средни училишта од Охрид.
-Проектот,”Заеднички визии”, се имплементира со поддршка на канцеларијата на Унеско во Венеција, во рамките на заедничката програма ,”Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка меѓу заедниците”, финансирана од Шпанската влада преку Фондот за остварување на Милениумските развојни цели.-информираат од МСО.
Младински Совет Охрид во рамките на истиот проект, вечерва во Центарот за култура “Григор Прличев” ќе организира и “Мултиетничка вечер”.
На настанот преку свои штандови ќе се претстават етничките заедници кои живеат во Охрид. Својата социјалната, материјалната и духовната култура ќе ја презентираат Египќаните, Ромите, Турците, Србите, Власите, Црногорците и Македонците.
-Од социјалната култура ќе се направи пресек на начинот на кој живееле и живеат различните етнички групи во урбаните и руралните средини, од духовната култура ќе се презентираат семејните и календарските обичаи, обичаите при работа и правните обичаи. Исто така ќе може да се видат и детали од применетата народна уметност, усното народно творештво, фолклорот и верувањата. Од материјалната култура ќе се презентираат културно историските споменици, архитектурата, покуќнината, носиите, храната, занаетите. Исто така секоја група во рамките на своите можности ќе подготви дел од карактеристичните јадења и истите ќе бидат изложени пред посетителите, кои ќе имаат прилика да ги дегустираат.–објаснуваат од МСО