Фасадите на старите, градби во центарот на Охрид треба да се обноват, сметаат граѓаните. Ова го покажа и испитувањето на јавното мислење што во изминатите петнаесетина дена го спроведе Ohridnews. Огромно мнозинство од испитаниците сметаат дека треба да се изнајде начин да се обноват старите и оштетени фасади. Тоа ќе им го врати сјајот сметаат 45% од анкетираните, 20% се на мислење дека е добро да се изнајдат средства од меѓународни фондации да се обноват фасадите во центарот на градот, 13% дека општината треба да покрене иницијатива за обновување на фасадите, а 12% дека за тоа треба да се задолжат сопствениците на објектите. Против ваквата идеа се изјаснаа 11% од вкупно  2177 анкетирани граѓани.


Честа слика во центарот на Охрид

Иницијативата за обновување на фасадите во цетраот на Охрид, позитивно ја оценува и локалната самоуправа.

– Секоја идеја која значи разубавување на Охрид и придонесува за негово презентирање и доживување во вистинско светло како ГРАД НА СВЕТЛОСТА и туристички центар, заслужува внимание и поддршка. Во ваквите размислувања, идеи и нивна поддршка, вклучително, се вбројува и идејата за која Ohridnews ја спроведе  анкетата, вели портпаролот на општина Охрид Никола Маневски.


Според него Охрид, особено неговото централно јадро треба да имаат зданија со уредени фасади било да се семејни куќи или станбени згради.

– Навистина, ги има оние кои ќе укажат дека сето тоа ги чини дополнителни средства, но покрај обврската која произлегува од актуелните законски решенија, кога станува збор за Охрид и фасадите во него не треба да се испушти од предвид фактот дека покрај се, живеењето во Охрид има свои привилегии па оттука и повеќе издатоци за урбанистичката или градежна уреденост. Ако Охрид вистински се сака, се посакува за бизнис или живеење, тогаш мора нешто и да се жртвува за таа определба. Впрочем, се што се инвестира во Охрид е инвестиција која на некој начин се исплатува и враќа со корист, посочува Маневски.

Ова прашање се уредува со новиот закон за градба, со кој се предвидуваат високи казни за сопствениците на нефасадираните објекти и до 3000 евра. Ваквата мерка според дел од стручната јавност е екстремна и нема да може да заживее во стварност затоа што македонските граѓани не се финансиски моќни и нема да можат да одговорат на новата законска обврска.

Ohridnews