Фудбалерите на Саутемптон му зедоа мерка на шампионот во Премиер лигата Ливерпул, победувајќи го со минимални 1-0 (1-0), во последниот натпревар од првата рунда во Новата 2021 година.

„Светците“ голот за победа го постигнаа на стартот од натпреварот. Поранешниот фудбалер на „црвените“ Дени Ингс избегна офсајд стапица и со прецизен удар го матираше бразилскиот голман Алисон Бекер. Ливерпул се созеде од шокот, нападна со сите сили но не успеа да постигне изедначувачки погодок.

За Ливерпул ова е втор пораз сезонава но повеќе загрижува фактот дека на последниве три мечеви четата на Јирген Клоп постигна само еден погодок. Саутемптон со новите три бодови се искачи на шестата позиција на табелата.

Во Премиер лигата следува пауза. Следните натпревари ќе се играат на 12 јануари.

OhridNews