Дел од експертите за животна средина, екологистите и претставниците на невладиниот сектор сметаат дека скијачкиот центар, експресниот пат од Охрид до Свети Наум и туристичките развојни зони во Љубаништа кои се планирани во потегот на националниот парк Галичица се неоправдани и ќе имаат низа негативни влијанија врз неговото природно богатство.

Овие забелешки беа изнесени во рамки на вчерашната Јавна расправа за ревидираниот нацрт Извештај за стратегиска оценка за влијанието на животната средина на Предлог измените на Планот за управување со овој национален парк за периодот од 2011 до 2020 година.

-Изградбата на Ски-центар на Галичица за мене е многу непромислен потег бидејќи според научните истражувања кои се правени е утврдено дека топлината која во зимскиот период се издвојува односно се осободува од Охридското Езеро создава блага клима на целиот потег околу езерото која секако не е погодна за еден зимски центар. Исто така се предвидува изградба на сместувачки капацитети за околу 4000 до 5000 туристи, а не е предвидено како тие капацитети ќе се приклучат на канализација и дали и како ќе биде изграден колекторски систем. Исто така се зборува дека најгоре кај скијачките терени ќе се градат септички јами за објектите кои се предвидени на тој потег, но се прашувам дали некој го знае составот на подлогата каде што ќе се градат септичките јами, затоа што постои можност содржината на јамите заедно со подземите води да се влева во езерото, рече во своето излагање хидробиологот Трајче Талески.

И независниот екологист Лазо Наумоски смета дека освен биодиверзитетот на Галичица, инфраструктурните проекти може да го нарушат и биодиверзитетот на Охридското Езеро.

-Благодарение на планината Галичица Охридското Езеро опстојувало и не дошло до негово уништување. Знаеме дека структурата на планината Галичица е претежно варовник и сите води кои се вливаат од оваа планина во езерото содржат калциум карбонат. Сите други води кои се влеваат во Охридското Езеро од другиот дел односно од делот на Дебрца се води со променлива пх-вредност. Водите од Галичица ги неутрализираат водите со непогодна пх-вредност и придонесуваат за нормални услови за живиот свет во езерото. Значи оваа планина е природен феномен кој е важен за езерото и мој совет е да не се дозволат никакви нови градежни проекти во нејзиното подрачје, рече во дискусијата Наумоски.

Во рамки на јавната расправа беа изнесени и низа прашања поврзани со планот за изградба на експресниот пат до Свети Наум, чија траса исто така ќе поминува низ зоната на паркот.

-Имаме информација дека за изградба на експресниот пат ќе се исечат околу 400 хектари шума, а ни беше кажано дека и жичарата ќе тргнува непосредно над Пештани. Сакам да потенцирам дека овој пат кој ќе се движи над селото, при големи врнежи ќе го загрозува населението. Поради недостатокот на шума водата нема да може да се сопре и истата ќе оди директно во селото заедно со отпадот кој ќе завршува директно во езерото. Тоа може значително да влијае врз условите за развој на туризмот во селото, истакна жител на селото Пештани.

Голем број забелешки беа изнесени и во врска со туристичката развојна зона во Љубаништа. За дел од оваа зона говореше и меѓународниот експерт за животна средина Елизабет ван Зил, која е еден од авторите на ревидираниот нацрт Извештај.

-Најсериозни забелешки има во делот на туристичката развојна зона Љубаништа 3 во делот во кој се наоѓаат изворите во Свети Наум. Изворите се едно важно природно живеалиште и локалитет, каде живеат значајни видови на растителен и животински свет кој не може да биде заменет односно компензиран во рамките на паркот, вели Зил. Таа објасни дека е изнесена препорака, зоната Љубаништа 3 која е еден дел од Туристичката развојна зона Љубаништа да биде ревидирана односно да се утврди дали  предвидените проекти во рамки на овој дел од зоната може да се реализираат.

Инаку во делот на Нацрт извештајот за стратегиска оцена во делот на „Мерки и препораки за потенцијалните значајни негативни влијанија од проектите“ пишува дека се поттикнува Министерството за транспорт и врски да ја потврди во писмена форма својата одлука за укинување на развојот на Љубаништа 3. Со тоа ќе се осигури дека нема да има никакви  влијанија врз  важното подрачје  на изворот  Свети  Наум  и  врз  Зоната  за строга заштита, како резултат на овој развој.

Е.М