Информацијата која се пласира за сечењето на дрворедите  на улиците Димитар Влахов и Македонски просветители заради проширување на коловозите, градоначалникот Петрески ја оцени како шпекулација. Точно е дека планираме да ги сечеме дрвата на овие две улици, но затоа што станува збор за стари стебла кои испуштаат леплива течност и се опасни за минувачите, рече Петрески. Тој потенцира дека ќе се посадат нови дрва кои ќе се почека да пораснат и дури потоа ќе се сечат постоечките. Тоа што во план на Локалната самоуправа е да се прошируваат коловозите токму на овие две улици, произлегува дека е само коинциденција.

Само за потсетување, пред неколку дена, на прашање на новинарот од OhridNews- дали ќе се сечат дрворедите на овие две улици и прошируваат коловозите на сметка на зелениот појас, Петрески  одговори:  со Генералниот урбанистички план се предвидува проширување на улиците Димитар Влахов и Македонски просветители. На Македонски просветители е предвидено да има уште една сообраќајна лента на потегот од Поштата до Старото кино. Според нас, ова треба да се реализира и сметам дека нема да биде на штета на зелениот појас. Ние планираме да ги смениме постојните дрва затоа што прават доста проблеми- испуштаат леплива течност која им смета на возилата, покрај тоа се стари дрва и наместо нив ќе посадиме поубави, на пример: јапонски цреши. Зеленило ќе има повеќе од сега, рече Петрески.

T.К.